Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров се обрати до членството на ВМРО-ДПМНЕ и повика на обединување.
-Македонското национално ткиво се распаѓа. Поделбата помеѓу македонците е предлабока и преопасна. Ако вака продолжиме ќе се самоуништиме. Од друга страна по нашето членство во НАТО, доколку сме паметни, ни се отвора можност следните 5-6 години да бидат т.н.златни години за државата. После денешниот предлог од лидерот на СДСМ и актуелен претседател на Владата, јасно е дека Мицкоски не само што е пречка за обединување на ВМРО, туку е пречка и за обединување на Македонскиот народ. Не сакам да навлегувам зошто е таков ставот на Заев или пак зошто е таков денешниот одговор на Мицкоски, мене ниту едното ниту другото не ми е важно. Она што мене ми е важно, што е тоа што е во интерес на државата, на граѓаните и на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ се наоѓало на историски крстосници многупати досега. Ова е една од нив. Да не кажувам нешто што е познато на секого. Ако се пропушти крстосницата и се погреши патот, тогаш ќе мора долго враќање назад за да се најде повторно таква крстосница, истакна тој.
Според него ВМРО ја пропуштила крстосницата со преспанскиот договор, и добила договор за кој ако ВМРО и СДСМ биле сплотени, ќе бил далеку подобар.
-Обврска на ВМРО е да ги штити националните интереси на Македонија. Обврска на ВМРО е да го исполни вториот дел од своето име, демократска партија за македонско национално единство и да делува во насока на обезбедување на ова единство. Македонците се разединети и сите ние, политичарите, но и сите партии, имаат учинок и одговорност за тоа. ВМРО има зад себе историски пропуштени шанси, поделби, расколи, но се случувале и обединувања. Сега е момент на обединување во рамки на ВМРО, а потоа и помирување на македонската нација, со активно учество на ВМРО во тоа. Ако ВМРО не учествува во ова, пропаѓањето ќе продолжи, иселувањето ќе продолжи и на крај ќе ја изгубиме државата целосно. Наша обврска е на историјата да и погледнеме во очи и да ја преземеме нашата одговорност. Ако не го направиме тоа, тогаш ќе пропуштиме историска шанса и ќе бидеме директни учесници во пропаста на државата, дополни Тодоров.
Поделени и раскарани,, дополнува Тодоров, водени од омраза на политичка основа, нема никаде да стигнеме.
-Затоа се борам и залагам за помирување помеѓу ВМРО и СДСМ. Политичките разлики стојат и тоа е нормално, затоа што тоа е здраво и потребно во едно демократско општество, но тие разлики не смеат да продуцираат омраза помеѓу Македонците до ниво на раскинување на македонското национално ткиво. Сигурен сум дека ова можеме да го спречиме. За тоа, потребна е поддршка за трансформација на ВМРО во модерна, европска центар десна партија. Заедно и сплотени, сигурен сум дека ќе успееме да изградиме европска и модерна ВМРО и модерна и Европска Македонија. Треба да се тргнат на страна личните амбиции, личните интереси, и да ја вратиме сите заедно идејата во ВМРО и во Македонија, идејата за која, човек вреди да се бори. Времето на поделби мора да запре. Времето на обединување мора да започне. Тоа е во моментов нашата крстосница, додава тој.
-Но се ова треба да е по јасни принципи неоптоварено од лични ситни интереси. Принципите се најважни. Време е за македонско национално обединување базирано на принципите на економски патриотизам, меѓуетнички соживот, јакнење на граѓанското општество и македонско национално единство. ВМРО, ви ветувам, пак ќе победува, порача поранешниот министер.