Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија денеска објави дека минатата недела министерот за здравство, Никола Тодоров, го намалил буџетот за набавка за инсулин за скоро еден милион евра.
-Според кои критериуми и параметри е направено намалувањето? Која комисија и кои експерти ги консултиравте за да донесете ваква одлука? Кога го гласавте буџетот за истите, на 17.10.2016, го земавте ли во предвид фактот дека инциденцата е 10 отсто годишно? Или можеби кај нас имаме обатен процес? Вака ли ќе имплементираме иновативни терапии за лицата со дијабетес, со намалување на буџетот? Зошто не се консултиравте со нас, пациентските здруженија, да прашате дали имаме проблеми и потешкотии со инсулинската терапија и со лентите за контрола на шеќерот? На сите овие прашања очекуваме издржан одговор, поткрепен со факти, не со претпоставки, стои во фејсбук објавата на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Според измената на Програмата за контрола на дијабетесот за 2017 година, вкупната сума за набавка на потребните лекови и помагала за дијабетичари е намалена од 620 милиони денари на 558 милиони денари, односно за скоро милион евра.