Тодороска: Се спојуваат предмети со различен статус, историјата е хуманистичка наука

by fokus

Се прави фузија на неколку предмети кои имаат различен статус, историјата е со статус хуманистички науки што не е случај со другите наставни предмети со кои се планира да се спои, вели проф. д-р Катерина Тодороска, Доктор по историски науки во Институт за национална историја при УКИМ во изјава за Фокус. Таа го коментира новиот образовен концепт кој вчера го презентираше Министерството за образование и наука, а со којшто се предвидува предметите историја, граѓанско образование и географија да се изучуваат во еден предмет општествени науки.

-Историјата е учителка на животот не затоа што е вчерашен предмет во училиштата туку е вековна егзистенцијална потреба на секоја држава. За разлика од историјата, граѓанско општество е предмет кој го “измислија” по теркот на народната “според човекот и ќотекот”. Имено, во еден момент во Македонија имаше толку многу завршени студенти по социологија, па за да им најдат место и да ги условуваат со работа за идни гласови, го измислија тој предмет. Нормално, тоа беше една турлитава во која најдобро се снаоѓаа историчарите, бидејќи имаат најшироки познавања од општата историја, а темите во новоосмислениот предмет никако не можеа да ги одвојат од историјата бидејќи од неа ги беа извадиле, па додале нешто семејство, па нешто држава и од се’ по нешто, објаснува Тодороска.

Професорката порачува дека историјата преставува темел на секоја држава. – Историјата е темелот на државата. Доколку некој си игра со историјата, си игра со државата. А тоа можат да го “осмислат” само умови подложни на слаборазумност. Историјата била и ќе остане учителка на животот само за оние кои знаат да учат, вели професорката.

Таа објаснува дека сѐ, па и изучувањето на историјата има историја. – После Втората светска војна биле отворани учителски школи каде требало да се дообразува кадар за учители. Во тоа време историја и географија се учеле во еден предмет. Но, тоа го побарувале условите за забрзани курсеви за учители. Во тоа време немало ниту соодветна продукција на наставни и научни материјали по историја. И затоа се прибегнало кон фузирање на историјата со географијата, математиката со физиката, хемијата со биологијата итн. И како што кажав, сѐ има историја. Тоа може да не го знаат само оние чиј квантум на општо образование е под минимумот. Што значи, секој предмет што се изучува во училиштата има своја историја. И медицината има своја историја, и литературата има историја, и јазикот има историја. Замислете, некоја држава да си ја избрише историјата. Што останува од неа? Или ќе одиме по онаа на Луј 16 „Државата тоа сум јас”? Тоа е погубно и за државата и за владетелот, вели Тодороска.

Според првичните најави од МОН, предметите историја, географија и граѓанско општество се спојуваат во предметот „општествени науки“, биологија и хемија ќе се изучуваат под името „природни науки“, а музичко и ликовно се спојуваат во „уметничко образование“. За овој нов концепт се најавува јавна дебата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости