Тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан. Билатералното прашање на интерпретација на потеклото на некој јазик или историја не е прашање кое треба да се однесува на ЕУ, изјави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на прес-конференција во Охрид, каде учествува на Преспа форумот за дијалог.
– Ќе видиме што ќе се случува во иднина, но мислам дека тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан. Европските интеграции не смеат да се поврзуваат со билатералните прашања или ако се поврзуваат со билатерални прашања треба јасно да биде дека тоа е затоа што тие мора да се решат за да не се внесувале отворени прашања во ЕУ. Мислам дека билатералното прашање на интерпретација на потеклото на некој јазик или историја не е билатерално прашање кое треба да се однесува на ЕУ. Поради тоа мислам дека тоа е лош преседан, кој е направен и се надевам дека нема да гледаме такви преседани во иднина. Но, се плашам дека е можно дека е отворена Пандорината кутија. Но, ако така продолжат европските интеграции тоа е спротивно на сите европски вредности. Треба да се обидеме да најдеме заеднички работи, да гледаме во иднината. Овде не гледаме во минатото, туку во многу далечно минато кое при тоа е предмет на наши лични интерпретации, рече Брнабиќ на новинарско прашање коментирајќи го недобивањето датум за старт на преговори за земјава на јунскиот самит на ЕУ.