ТМ: ВМРО-ДПМНЕ крши закон и „штима“ извештаи!

by Фокус

Невладината „Транспарентност Македонија“ (ТМ) во мајскиот извештај пишува дека владејачката партија со финансиските извештаи за изборите направила „финанансиско штимање од епски пропорции“ и дека во случајот со извештајот за предвремените парламентарни избори „флагрантно го прекршила Изборниот законик“

Според невладината, партијата за претседателските избори собрала донации во вредност од 485.000 евра, а потрошила 770.000 со што ѝ се создало дупка од 285.000 евра. Од ТМ тврдат дека во меѓувреме посебната сметка на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски избори мирувала, а партијата на 25 мај го потпишала, а на 26 го предала конечниот финансиски извештај за претседателските избори и во него немало минус од 285.000 евра.

„За практично два дена, во периодот од 21 до 23 мај, на претседателската изборна сметка се внесени 260.000 евра, што е дури 30 отсто од претходно собраните 770 илјади евра. Во Конечниот извештај, исто така, е известено дека во пост-изборниот период се направени расходи од речиси 110.000 евра. Така, со измените на состојбата на претседателската изборна сметка, салдото покажува минус од 130.000 евра“, се вели во извештајот на ТМ.

Понатаму, ТМ објаснува дека кога ќе се пресмета износот што државата треба да ѝ го плати на ВМРО-ДПМНЕ за секој освоен глас на претседателските избори, се доаѓа до износот од 8.023.650 денари (130.000 евра) или колку што точно изнесува минусот известен во Конечниот финансиски извештај!

„Вакво „штимање“ на финансиските трансфери не се забележани во повеќе од дведецениската изборна историја во државата, а се оригинален придонес за изборни финансиски „штимања“ и во меѓународни рамки“, стои во извештајот на невладината.

ТМ потсетува дека во однос на предвремените парламентарни избори, според одредбите на Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ поднесе два периодични извештаи до крајот на изборната кампања

„Според првиот извештај ВМРО-ДПМНЕ од членарина собрала 850.000 евра, а потрошила 714.000, со што според првиот извештај партијата е во позитива од околу 135.000 евра. Истата оваа сума е прикажана како приход во вториот периодичен извештај, со истиот основ – членарина. Расходите, пак, известени во вториот периодичен извештај се искачиле до 728.000 евра, со што е известен минус од 593.000 евра. И тоа е состојбата заклучно со крајот на изборите“, стои во извештајот.

Според одредбите на Изборниот законик, велат од ТМ, крајниот рок за доставување на конечниот финансиски извештај за вонредните парламентарни избори е 20 мај.

„Иако Конечниот финансиски извештај е потпишан токму на 20 мај, тој е примен во ДКСК на 22 мај. Но, ова мало задоцнување само по себе нема некакво суштинско значење, освен што – токму на 21 мај се впишани донации на околу 110 донатори на партијата, што претставува флагрантно кршење на Изборниот законик! Но, не само тоа: за два дена, на 20 и 21 мај, на сметката се впишани спектакуларни 445.000 евра на име – донации!“, обвинува невладината.

Понатаму, во извештајот на „Транспарентност Македонија“ се вели дека ВМРО- ДПМНЕ за парламентарните избори собрала вкупно милион и 295.000 евра, а потрошила милион и 412.000 евра.

„Со тоа, оваа партија известува дека постои дупка од речиси 118.000 евра. Така, останува прашањето – како ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрие ова минусно салдо? Според официјалните податоци на ДИК, на вонредните парламентарни избори победи ВМРО-ДПМНЕ со освоени 481.615 гласови. Според одредбите на Изборниот законик, на партијата и следува надомест од 15 денари по освоен глас. Така, износот што Државата треба да му го исплати на ВМРО-ДПМНЕ изнесува… 7.224.225 денари (или близу 118.000 евра)! Точно толку изнесува минусот известен во конечниот финансиски извештај за парламентарните избори! Ова повторно претставува финансиско „штимање“ од епски пропорции!“, се вели во извештајот.

Од сето наведено ТМ поставува две прашања:

1) Како во два дена се собираат 700.000 евра и тоа еден месец по изборната победа?

2) Може ли да се испита од кога тоа ВМРО-ДПМНЕ собира 850.000 евра од членарини?

Целиот извештај може да се прочита на следниов линк.

Поврзани новости