,,Титаник 2″ доплови во Апелација, но делото на Мијалков застарува за 28 дена

by fokus

Пред четири дена предметот ,,Титаник 2″ стигнал во Апелација. Сега од судот се очекува експресно да донесе второстепена одлука, бидејќи еден дел од предметот застарува на 7 април. Ова значи дека доколку судот не одлучи за 28 дена од сега, делото за кое се гони екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе застари.

Од Апелација информираат дека предметот го примиле на 7 март, но како што е редот најпрво го испратиле во Вишото обвинителство.

-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека во Апелациониот суд Скопје примен е предметот „Титаник 2“ на ден 07.03.2023 година, заведен е под КОКЖ-43/23 и согласно одредбите на Законот за кривична постапка доставен е на мислење во Вишо јавно обвинителство Скопје на ден 08.03.2023 година, велат од Апелација.

Откако Вишото обвинителство ќе даде мислење за случајот, истиот ќе биде вратен во Апелација на одлучување.

Втората првостепената пресуда за ,,Титаник 2″ беше донесена на 23 јануари, откако претходно случајот падна на Апелација и беше вратен на повторно судење.

Кривичното дело за кое се гони Мијалков, ,,Примање награда за противзаконито влијание” застарува на 7 април годинава, затоа што дејствијата за кои се терети се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години).
Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.

Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК немаат можност да се спасат со застарување. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според пресудата на Кривичниот суд, Мијалков, како и Тачи, беа осудени на две години затвор. Истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

В.В.

Поврзани новости