Тиранска платформа 2.0

by Fokus

Веројатно оваа 2023 година ќе дознаеме дали „сѐ било во главите на вмровците“, како што своевремено беседеше Заев, или баба рогата – федерализација на државата, и тоа како има подлога.

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Кога ќе излезе колумнава од печат, веќе ќе биде одржана „неформалната“ средба на албанскиот премиер Еди Рама со претставници на сите парламентарни партии на македонските Албанци, на покана на самиот Рама.

Што ќе се разговара на средбата, ќе дознаеме ден пред излегување на колумнава, ако дознаеме воопшто.

Ваквата мистификација и таинственост ги подгреа шпекулациите дека се работи за нова Тиранска платформа, која би требало да води кон федерализација на државата.

ЦРНИ ПЛАНОВИ ПО УНИТАРНОСТА

Федерализација на државата не е баш најново барање на дел од политичкиот, но и цивилен корпус на нашите државјани етнички Албанци. Па, во споредба со одредени барања водени од великоалбанската идеја е и меко.

Но, секому му е јасно дека евентуална федерализација на државата е само преодна фаза кон нејзина крајна дезинтеграција. Дали овие црни планови по унитарноста на државата ќе се остварат, ќе видиме мошне бргу.

Оригиналната Тиранска платформа бараше разговори за промена на знамето, химната, грбот, осуда на некаковси геноцид врз Албанците, во периодот 1912-1952, рамномерна распределба на буџетот по општини, нормално по етнички клуч, без притоа да се прашаме која општина каква фискална кондиција има и дали работи домаќински или не.

Рамиз Мерко, на пример, од поправичната распределба би се честел уште едно „ауди“.

Се бараше и меѓународен комитет за преиспитување на случаите „Сопот“ (кој е веќе решен), „Бродец“, „Монструм“ и „Диво насеље“, што е преседан за која било суверена држава, како и нејзино формално сместување во редот на земји-протекторати.

ПРИТИСОК ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Ако дел од тиранската платформа е и реализиран (основано приватно министерство за политички систем, чија единствена функција е да вработува кадри на ДУИ, унапредување на албанскиот јазик), да видиме што од новотариите ќе се реализира.

Којзнае што ќе биде сега тема на разговор, ако горниве барања имаат простор за доработка.

Веројатно оваа 2023 година ќе дознаеме дали „сѐ било во главите на вмровците“, како што своевремено беседеше Заев, или баба рогата – федерализација на државата, и тоа како има подлога.

Лично не сметам дека, барем во блиска иднина, ќе дојде до конкретни чекори кон федерализација на државата, бидејки тоа ќе остави сериозен вакуум-простор за многу поголемо влијание на Русија, што САД не би сакале да се случи.

Но, самата закана од федерализација оваа година интензивно ќе се користи за правење притисок на плебсот во насока на прифаќање измена на Уставот и можно имплементирање на францускиот предлог, чин што дефинитивно би бил земјата врз ковчегот на Македонија, бидејќи образованието ќе ни биде под ревизија на друг суверен ентитет.

Едно е сигурно – во новата 2023 година, Македонија НЕМА да стане поубаво место на живеење, а цели семејства Албанци и понатаму ќе се селат од државава, благодарни на феноменалното владеење на СДСМ, ВМРО и ДУИ.

Поврзани новости