Што ќе фатат сушат, штом ќе зинат, зелени кинат! Ама до последен здив упражњаваат тинтири-минтири. Комбинација на зборови од фолклорната лексика, блиска по значење на тотални глупости, измислици, бош-муабети, лаги и измами, за кои дунстерите немаат рационални објаснувања
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Нема таква држава со растур-систем! Во разнебитеното „Едно општество за сите арамии“, статус-кво партиите немаат абер да градат држава. Три децении ждерат, локаат и ограбуваат како да им е последно, а цехот го плаќа народот.
Во еуфемистичката „Наша земја“ не се знае колку сме, зошто сме и дали сме токму! Оргии, епски грабежи, ендемска корупција, економско пустошење, бришење на разликата меѓу партиските водства и државните институции и нивно приватизирање.
Забегани вредносни критериуми, владеење на полуграмотни медиокритети, инстантен северномакедонски идентитет, spoil system, Бадентерово мнозинство, квоти, територијално прекројување, балансери.
За родоотстапниците, сѐ што има контекст „Македонија“ и „македонско“ станува непожелно и забрането. Ич гајле немаат и пет пари не даваат за меморицидот, прекрстувањето, сотрувањето на идентитетот и непризнавањето на јазикот.
Ниту, пак, што една третина од населението се иселило. На раат годишно пљачкаат околу седумстотини милиони евра и нивото на корупција го кренаа на 15 насто од државниот буџет.
КОГА Е БАЛ, НЕКА Е МАСКЕНБАЛ
Премиерот Димитар Ковачевски го извести пучанството дека се думал да упати молба до ЕУ да го реши проблемот со нашите бездомни кучиња. Не е на одмет да побара помош и од јужното крило на НАТО.
Зоти Али Ахмети, пак, „сонувал“ дека владата функционирала чудесно, што и на јаве му потврдиле „сите меѓународни пријатели“.
И така! За свинска не ги бива, што ќе фатат сушат, штом ќе зинат зелени кинат! Ама до последен здив упражњаваат тинтири-минтири. Комбинација на зборови од фолклорната лексика, блиска по значење на тотални глупости, измислици, бош-муабети, лаги и измами, за кои дунстерите немаат рационални објаснувања.
Типични симптоми на failed state, т.е. пропадната или неуспешна држава. Израз со пежоративно значење, кој често предизвикува контроверзии. Посоодветно е да се нарече неуспешна или нефункционална партизирана држава.
Во време-невреме, кога се сотрува сѐ што е македонско, во подготовките за локалните избори во Албанија, изготвени се плакати на јазикот за секое малцинство, во кои не се наведува матичната држава од која потекнува.
Разбира се, само Македонците се дефинираат како „национално малцинство на Северна Македонија“. За да им угоди на Бугарите, македонското МНР уста има, јазик нема.
Дупелижење и продавање вера за вечера и за одлуката на Советот на Општина Струга да гради спомен-обележје на друга држава на кејот на реката Дрим. Не на поранешна Југославија, во чии рамки Македонија за првпат доби државност, туку на „сивата зона“ протекторатот Косово.
По истата аналогија, примерно, некоја општина во источниот дел на Македонија нека подигне паметник во чест на „майка България“ или на северот од државата барем Српски културен клуб „Дража Михаиловиќ-Чича“? Па, кога е бал, нека е маскенбал!
ПРЕДВРЕМЕНО РАЃАЊЕ
Уште Фројд констатирал дека првата индиција за забеганост е немањето срам и достоинство.
Нацистичките и шовинистички говори за Македонија и Македонците среде Скопје на европратеникот Ангел Џамбаски и бугарскиот депутат и лидер на „Възраждане“, Костадин Костадинов, по повод панихидата за Мара Бунева, Европскиот парламент ги коментираше идиотски: „Тоа си е нивна лична работа“!
Основачот на Фондацијата „Македонија“, човечето Виктор Стојанов се закани ако некој крене рака на македонски Бугараш, ќе пристигнеле илјадници и ќе останел без рака.
Гротеска со новопечен Бугараш од Охрид, а во слободно време нарко- дилер, претепан од друг нарко-клан, евакуиран в София с правителствен самолет, като „политическа жертва“. Тинтири-минтири во копродукција на недоквакани българо-македонски политически бабаити!
За да не ги јадосват „братята“, подлизурковците веќе шест години ја држат во бункер ТВ серијата „Црвениот поет“ за Кочо Рацин. Претходно ја прекинаа реализацијата на играната серија „Македонија”, а молчешкум го цензурираа прикажувањето на култниот филм „Трето полувреме“.
Каде ќе биде Македонија по три децении? Родоотстапниците најавуваат формирање „Алијанса за Европа“, во која ќе се обединеле сите против македонизмот. Гревчиња, се занесуваат дека напупувањето до балчак ќе им го отвори патот до иницијацијата во „европското семејство“!
Пред триесет години, недоносена, предвремено се роди самостојна Македонија. За исто толкав период, најголемиот дел од тогашната генерација нема да ја има, а подоцнежните ќе бидат во доцна есен. Дали ќе продолжат да гледаат, гувеат и пак да гласаат за покакан живот!
Фаталистички, ама терапијата беше утната уште пред три децении!