Тинејџери цицаат снус, кој илегално се продава во киосци, родители бараат институциите да ги заштитат децата!

by fokus

Снус, релативно нов производ во земјава, кој за кратко време стана доста популарен кај младите генерации, односно кај деца на возраст од 13 години, па нагоре, а за кој доста малку се знае, предизвика паника кај голем број на родители.

Овој никотински производ најпрвин стана актуелен во регионот, во Србија, Босна, Косово, Бугарија… И тамошните власти немаа доволно податоци околу регулативите за продажба и користење, па апелите на вознемирените родители завршија со соопштенија од надлежните служби, да биде пријавено во полиција секое сознание дека некаде им се продава снус на малолетници.

Околу тоа што е всушност снус, производ за кој официјално се знае дека предизвикува огромна зависност, но и здравствени проблеми, посебно за лица во раст и развој, и дали станува збор за еден вид на дрога, која им е лесно достапна на тинејџерите, кои без проблем можат да ја купат во многу киосци по цена од околу 300 денари, ,,Фокус” побара одговори од повеќе институции.

Дали продажбата на снус е легална и дали е дозволена продажба на таканаречените никотински ќесички на малолетници, кои ги ставаат во уста и ги цицаат, додека тие испуштаат голема количина на никотин, кој предизвикува малаксаност, вртоглавица и опуштање, се прашањата кои ги доставивме до Министерството за внатрешни работи, како и до Министерството за економија.

 

-Во земјава нема легален увоз на снус, беше краткиот одговор од МВР, што значи дека неговата широко распространета продажба е противзаконска.

И од Министерството за економија потврдуваат дека овој производ не е регистриран во Регистарот на марки на тутунски производи од тутун и сродни производи.

Од таму потврдуваат дека во 2016 година фирма од Челопек, Брвеница, била регистрирана во Министерството за економија за увозник со Решение бр. 11-5680/4. Но, досега фирмата немала регистирано трговска марка на тутунски производ за увоз и пуштање во промет.

Појаснуваат дека доколку фирмата продава тутунски производи без да поседува Решение за упис во регистерот на трговски марки на производи од тутун согласно член 92 од законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, Државниот пазарен инспектор ќе донесе решение со кое ќе забрани:
1) пуштање во промет на производи од тутун и сродни производи и привремено да ги одземе доколку производителот, односно увозникот не се запишани во регистарот на марки на производи од тутун и сродни производи.

2) пуштање во промет на несогорливи тутунски производи и привремено да ги одземе истите, доколку не се запишани во Регистарот на марки на тутунски производи од тутун и сродни производи.

Исто така, биле предвидени глоби за мали трговски друштва во висина од 1.000 до 2.000 евра и за средни и големи трговски друштва од 5.000 до 10.000 евра доколку не поднесат барање до Министерството за економија за запишување во Регистарот.

Глоби на правно лице во износ од 1.000 до 1.500 евра ќе му се изречат на мало трговско друштво, а глоба на правно лице во износ од 3.500 до 7.500 евра ќе му се изречат на средно и големо трговско друштво за прекршок, ако не поднесат барање до Министерството за економија за запишување во Регистарот за марки на производи од тутун и сродни производи.

Од разговор со родители кои случајно дознале дека нивните малолетни деца купила снус, дознаваме дека станува збор за никотински ќесички спакувани во убава кутија, која изгледа како пакување за бонбони.

Децата кои го купиле најчесто не ни знаат за штетните последици од овој производ чија продажба во земјава е илегална. Наводно, повеќето од нив сакале да експериментираат, да се направат важни, но и од љубопитност.

Многу од нив сметаат дека снус е замена за цигари, а тоа што се произведува со разни ароми на ментол, кафе, овошје, ги навело да мислат дека е сосема безопасен.

Но, за штетните последици од снус, за ,,Фокус” детално раскажува Ивица Апостолов, Претседател на Здружението на медицински лаборанти на Клинички центар и како здравствен работник во Универзитетскиот Институт за клиничка биохемија со 32 годишно работно искуство од областа на клиничката биохемија и лабораториската медицина.

Информациите кои тој ги сподели со ,,Фокус” се алармантни, посебно поради тоа што на мета се деца од основните и средните училишта, а јавноста не е доволно информирана за штетните последици од снус.

-Неколку години наназад голем број на малолетници завршуваат или со повици до итната медицинска помош или со барање на пружање ургентна помош на Клиниката за Токсикологија, а сето тоа поради предозираност од најчесто алкохол, но се случува и од употреба на ,,лесни” наркотици (дроги), но многу често се случуваат предозираност од употреба на наргиле и некои никотински производи.

Предозираноста од употреба на наргиле и на никотински производи доведува до пад на крвниот притисок и намалена церебрална циркулација, како и колапс и краткотрајно губење на свеста, а овој ,,нов тренд” на труења со овие или слични последици се почесто ги зафати децата во средните училишта, матурантите, но на жалост го имаме дури и во основните училишта.

Имено, во последните неколку месеци родителите, но и наставниците и професорите на скопските средношколци и основци, сè почесто ја изразуваат својата загриженост за се почестата состојба во која се наоѓаат децата, а сето тоа е тесно поврзано со потрошувачката на никотински производи, кои колоквијално се наречени СНУС меѓу учениците во училиштата. Употребата на вакви опасни тутунски производи и материи од страна на тинејџерите, на жалост зема се поголем замав, што влијае и на нивното здравје, а никој од родителите, па дури и професорите во училиштата во прв момент не знаат што се случува со детето, дали е тоа здравствена состојба или е последица од употребата на овој тутунски производ (снус), кој многу тешко се препознава – појаснува Апостолов.

Додава дека како Претседател на Здружението на медицински лаборанти на Клинички центар и како здравствен работник во Универзитетскиот Институт за клиничка биохемија со 32 годишно работно искуство од областа на клиничката биохемија и лабораториската медицина, институт кој е веднаш до Клиниката за Токсикологија, секогаш добивал точни, прецизни и вистинити информации како доаѓало до вакви несакани труења кај децата.

-Тинејџерите при употреба на снусот, првин кесичката ја ставаат во уста и не може да бидат приметени, ниту од родителот и другарчињата, а и ниту од професорите на училиште, дополнително отежнато да се препознае употребата на снус е што при проверка детето во себе нема ниту тутун, а додека го употребува снусот околу него нема ни чад и никој освен детето не знае што се случува.

По конзумирање на снусот детето колабира, повраќа на час и дури тогаш професорите или учениците повикуваат брза помош. Всушност, причината за оваа состојба и колапсот на ученикот е количината на конзумираниот никотин која се движи од 9 до 15 милиграми во една кесичка снус. Замислете како ширењето на овој тип на никотин влијае на млад организам, доаѓа до забрзан метаболизам, брза циркулација, плус амонијак кој ја забрзува целата оваа реакција, а тоа може да доведе и до оштетување на мозочните клетки.

Според мои информации овој тутунски производ се набавува најчесто од Србија и таму го има за помалку од 5 €, а тинејџерите масовно го употребуваат во последно време. Загрижува и фактот дека одредени популарно наречени ,,тобака”, слободно го продаваат овој производ поради нерегулираноста во Законот за тутун и тутунски производи кај нас, а кај родителите треба да биде показател дека нешто се случува со нивното дете кога детето одеднаш и неочекувано ќе почне да повраќа, понекогаш на секој час и доколку одеднаш дојде до губиток на свеста, тоа се првите показатели за употреба на снус и за загриженост-тврди Апостолов.

Вели дека родителите и професорите треба да бидат внимателни и претпазливи доколку децата доаѓаат дома или на училиште со кесички слични на чај, кои се обично во украсни метални кутии, а самите такви се привлечни и за децата да ги намамат да ги купат и обично се со различни ароми, а потоа од првенствената љубопитност за да ги купат кај тинејџерите преминуваат и во тоа за да ги употребуваат.

-Кога кажувам за СНУС, за да бидам добро разбран, станува збор за мали кесички кои содржат преработен тутун кој не е лесно видлив. Кога ќе се стави над горната усна, снусот може да се држи во текот на целиот ден без никој да забележи дека детето нешто конзумира, а јас слободно ќе кажам дека со тоа детето конзумира чист непреработен никотин.

Неговата употреба предизвикува голема зависност, а во комбинација со емулгатори СНУС-от ги има истите ефекти како и дрогите. Никотинските кесички се производ чие конзумирање овозможува никотинот да влезе во телото многу побрзо од цигарите, преку образите брзо се ресорбира и со тоа завршува во мозокот. Како што напоменав, производот содржи и разни адитиви, а предозирањето може да има сериозни последици кои претходно ги наведов.

СНУСОТ е опасен затоа што тинејџерите може да го користат дискретно, кесичката е поставена директно на слузокожата помеѓу горната усна и непцата. Така, никотинот стигнува до мозокот побрзо отколку со цигарите, а моменталното чувство на релаксација се јавува многу побрзо отколку при пушење на цигара, многу слично како при користењето на наргиле- раскажува здравствениот работник.

Алармира и на симптомите на предозирање.
Вели дека некои од симптомите на предозирање со снус се повраќање, гадење, главоболка, аритмија, забрзано чукање на срцето, нарушување на концентрацијата и општа лоша состојба, а тоа се класични симптоми на труење.

Со оглед на лесната достапност на снус, но и недоволната информираност за овој производ, родителите бараат институционална заштита за своите деца, инспекциски контроли во киосците каде се продава снус, како и училишна едукација на темава.

Во соседна Бугарија, на пример, кон крајот на минатата година, група на родители се организираа на социјалната мрежа Фејсбук, со цел сите кои имаат сознанија каде им се продава снус на нивните деца, случаите веднаш да ги пријават во полиција.

И српското Министерство за внатрешни работи пред три месеци се огласи со јавно соопштение по повод вознемиреноста на родителите чии деца користеле снус, и порача родителите да разговараат со децата и да ги едуцираат, а сите граѓани кои имаат сознанија за продажба на снус на деца, информациите да ги достават во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости