Народната банка ги зголеми каматните стапки за нови 0,25 п.п.

by fokus

На 21 март 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,25 п.п. до нивото од 5,50%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40% и 3,45%, соодветно.

Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки.
Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Поврзани новости