Тимот на Филипче си оди од Министерство за здравство

by Fokus

Со заминувањето на министерот за здравство Венко Филипче си заминува и поголемиот дел од тимот, кој тој го донесе за да го „советуваат“ во периодот додека управуваше со ресорното министерство.

Неговиот кабинет вриеше од државни советници чии плати се движеа од 30 до 50 илјади денари. Тие напредуваа со брзина на светлината и само во рок од една или две години имаа скок од по неколку функции.

Како што веќе објави „Фокус“, за време на „владеењето“ на Филипче, во министерството за здравство беа ангажирани 15 советници кои се водеа како посебни советници, кабинетски службеници и лица ангажирани во кабинетот со договор на дело за 2021 година. Нивните плати и хонорари се движеа од 30 до 50.000 денари во зависност од тоа кој каква функција извршува и кои им се работните задачи.

Колку се платени советниците што му делат памет на Филипче?

Дел од нив беа десна рака на екс министерот, кој со нив ги „решаваше“ сите проблеми, кои во моментот се јавуваа со ковид пандемијата. Бројот на советници секојдневно се зголемуваше, но затоа пак реалните проблеми во здравството остануваат.

Министерството за здравство дури и распишуваше јавен оглас за вработување на тројца посебни советници во кабинетот на ресорниот министер. Во огласот се наведуваше дека сите тројца му се потребни на првиот човек во здравството за имплементација и креирање на здравствените политики и меѓународните проекти. Дури и самиот Филипче тврдеше дека му се неопходни и не може без нив да работи, па така двајца од нив почнале со работа во септември, додека третата од октомври лани. Но, тоа не се луѓе донесени од надвор, туку сега имаат само нова позиција.

„Фокус“ располага со целиот список на советници во кабинетот на поранешниот министер, од кои повеќето сега си заминуваат.

Како што „објавивме“ пред две недели, новиот министер за здравство Беким Сали со седнувањето на министерското столче си донесе своја екипа со која ќе работи во периодот додека управува со секторот здравство.

Како нов шеф на кабинетот на министерот ќе биде Меритон Сивули, кој по професија е електроинженер и исто така доаѓа од редовите на  Алтернатива, додека пак главна за протокол ќе биде Нурџан Асановска, која претходно била шеф на протокол на екс министерот за култура Асаф Адеми.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости