Тимоние: Процесот со нон пејперот да заврши до јануари

by fokus 13:50
13:50

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции истакна дека никој не треба да ги оспорува намерите на Франција за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, затоа што „намерите на Париз се заедно да успееме“.

– Од секаде постои верба во европскиот проект, што треба да биде строг, а не само своевидна лиценца на оние кои управуваат со тоа затоа што го добиле датумот и потоа можат да си прават што сакаат на внатрешен план. Ние сме со граѓаните на Северна Македонија и сакаме да успееме, да успееме заедно со вас. Нема никакви стравувања од наша страна во однос на доаѓањето на други земји- членки во Унијата, само сакаме тие земји да бидат доволно силни и доволно подготвени за да можат граѓаните да ја контролираат својата влада, но и тие земји да бидат доста силни за да можат да го спроведуваат тој заеднички европски проект, рече Тимоние.

- Advertising -

Балканските земји, како што кажа, можат да бидат додадена вредност во Европа.

– Преку новата методологија не размислуваме само за Балканот туку дека има проблеми што не сме ги решиле претходно. Европската изградба е изградба единствена во историјата која се гради секојдневно за да ги подобри грешките од минатото особено во однос на земји кои не успеале да се реформираат, додаде Тимоние.

За францускиот нон-пејпер како што информираше има и позитивни реакции и критики, но тој е доставен и процесот е почнат и официјален Париз посакува тој брзо да заврши.

– Го разбираме нетрпението, и ќе помогнеме со нашето присуство. Во моментот преговараме за правните рамки и потпишувањето со француската Агенција за развој, рече францускиот амбасадор.

Она што се случи во октомври со недобивањето датум, според него не е историска грешка, туку е историска шанса споредено со претходниот систем за проширување.

Се наврати на нон-пејперот и четирите принципи, но и посочи на владеењето на правото, корупцијата, реформскиот процес…

– Посакуваме процесот да заврши до крајот на јануари, што ќе ни овозможи потоа да се трасира патот кон Загреб на подоверлив начин. За тоа ќе треба и новата ЕК да одговори на нашите желби, но исто така треба и државите членки да се покажат конструктивни. Впрочем тоа и го очекуваме затоа што ја имаме таа споделена волја која беше изразена и од страна на ЕП затоа што сите посакуваат да се отворат преговорите што е можно побрзо, а овде нема ништо да ги спречи спроведувањето на реформите туку напротив. Има конкретни барања за завршување на законот за јавното обвинителство и сите други закони кои произлегуваат од тоа, и тоа се области во кои ние очекуваме напредок, рече Тимоние.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи истакна дека нема дилема дека Северна Македонија во октомври била подготвена да добие датум за преговори и од таму доаѓа разочарувањето и во администрацијата и меѓу граѓаните.

Вицепремиерот кажа дека Северна Македонија не се плаши од посебни услови и од заострени методологии, ниту од ревирзибилност на процесот бидејќи покажавме дека имаме ентузијазам, луѓе и знаеме како да напредуваме во процесот.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Поповски, смета дека ова е привремена ситуација и нашите идни одлуки ќе зависат од три работи: внатрешната политика во земјите – членки на Унијата, односите меѓу земјите-членки, како и од позицијата на ЕУ во светот.

Според Попоски, за нас ќе биде особено важно да се прилагодиме на одлуката на Европската унија во однос на проширувањето по завршувањето на овој процес. На внатрешен план рече дека треба да се промени пристапот на водење преговори со Унијата, барајќи поголема транспаретност од Владата во однос на овој процес, како и вклучување на повеќе чинители, имајќи ја предвид и опозицијата.

Поврзани новости