Тимоние: Франција до крајот на годината ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО

by Fokus

Процесот на ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО е во тек и без проблеми треба да се ратификува во Франција до крајот на годината, рече денеска францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.

Тимоние изјавата ја даде по комеморацијата на француските воени гробишта во Скопје, по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост.

Протоколот за нашето членство во НАТО, освен Франција, претстои да го ратификуваат уште и Холандија и Шпанија.

Тимоние, одговарајќи на новинарско прашање во однос на „малиот шенген“ што е инцијатива на лидерите на Западен Балкан, рече дека секоја соработка во овој регион е добредојдена.

– Секако тоа беше и пораката на претседателот Емануел Макрон што ја даде во Софија дека секоја соработка во овој регион меѓу земјите од Западен Балкан е добредојдена, бидејќи како што гледате и денеска соработката до што не донесе, дека тоа само има позитивни плодови, и Франција го поддржува таквиот вид на соработка, рече Тимоние.

На Француските воени гробишта во Скопје денеска амбасадите на Франција и Германија одржаа комеморација по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост. 

Претставници на државните и општинските власти, како и на дипломатскиот кор и граѓанското општество по тој повод положија свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци, на денот кога Франција и Германија го одбележуваат помирувањето меѓу двете држави како уште еден доказ за француско-германското пријателство.

На комеморацијата беше прочитана и пораката на државната секретарка во француското Министерство за вооружени сили, Женвјев Дариесек, во која се вели дека една година по завршувањето на борбите од Големата војна, на 11 ноември 1919 година, Примирјето за првпат беше одбележано откако се врати мирот.

– На овој ден Нацијата им оддава посебна почит и на војниците кои загинаа за Франција во мировни операции. Преку националниот споменик подигнат во нивно сеќавање, претседателот на Републиката го впишува во камен, исто како и во сеќавањата, сето признание на цел еден народ за своите борци, се наведува во пораката на Дариесек.

Поврзани новости