На иницијатива на група компании формирана е ТИМ 40, нова Асоцијација во рамки на најмоќниот бизнис колектив, Стопанската комора на Северна Македонија. Целите и задачите на ТИМ 40 ќе бидат насочени кон обединување на младите претприемачи, во насока на изнаоѓање решенија следејќи ги новите трендови и практики во услови во кои функционираат помладите генерации со различна перспектива на гледање на работите, со потенцијал да внесат свежина и нови трендови на менаџирање и делување.
На Конститутивната седница за претседател со мандат од 4 години беше избран Жарко Димитриоски од маркетинг агенцијата „Еден на еден“, кој вели дека иако се обединуваат компании од слични и различни економски сектори, сите ги поврзува потребата за заедничка соработка во насока на изнаоѓање решенија и следење на успешни практики.
“Привилегија и чест ми е што ја добив довербата од компании-лидери во своите индустрии како Директ Медиа, Вертиго, ИВМ Нетворк, Фригоколд, Тиго, Кликни Јади, Точка. Имаме силна поддршка од комората и нејзините истакнати членки, а ќе се трудиме да дадеме и придонес во развојот и промоцијата на претприемачкиот дух, како еден од клучните двигатели за иден развој на земјата” – додава Димитриоски, на јавноста познат по својата долгогодишна медиумска кариера, а во бизнис круговите и по претходни признанија како изборот за Претприемач на годината во нашата држава и за член во престижната Forbes 30 Under 30 Europe листа.
Поддршката на оваа форма на организирање на компаниите во Комората е во насока на политиката на најстарата и најмоќна бизнис асоцијација за поттик, афирмирање и приклучување на помладите генерации, кои со својата иновативност и креативност имаат потенцијал да внесат свежина и нови трендови на менаџирање и делување.
Според правилата за работа на ТИМ 40, членови можат да бидат сите деловни субјекти кои имаат сопственици, управители или менаџери на високи позиции од околу 40 годишна возраст, и кои имаат интерес да членуваат во Асоцијацијата поради унапредување на нивното стопанско работење.
ПР текст