Античките мозаични камења во Стоби и археолошките остатоци од Дреново раскажуваат за свеченостите во чест на Дионис – богот на виното и радоста. Тоа биле денови кога театарот, музиката и чашите преполни со младо вино ја претворале Тиквешијата во жив фестивал на животот. Таму, меѓу античките амфитеатри, виното било култура, уметност и верба.
Со текот на времето, традицијата нашла засолниште во тишината на манастирските подруми и селските лозја. Монасите со духовна посветеност произведувале вино, а лозарите од генерација на генерација го пренесувале занаетот. Дури и кога Османлиското владеење донело забрана за алкохол, лозата не исчезнала. Таа тлеела тивко, како пламен што никогаш не згаснува, чекајќи го мигот повторно да се разгори.

Во модерната историја, датумот 7 септември 1964 година е врежан со златни букви. На тој ден Диме Галапчев, директор на АК „Тиквеш“, го откорнал првиот грозд и го означил раѓањето на „Тиквешкиот гроздобер“. Градот се претворил во сцена: улиците одекнувале од поворки, на античкиот театар во Стоби повторно оживувале Дионисовите духови преку театарски претстави, а мото-трките на АМД „Страшо Пинџур“ привлекувале љубители на адреналин од цела Југославија. Во тие први пет години, Кавадарци стана симбол на винска престолнина и пример како културата, забавата и традицијата можат да се спојат во единствено празнување.
Современиот дух на „Тиквешкиот гроздобер“
По бурните децении на паузи и прекини, кога се чинеше дека гроздоберот ќе остане само спомен, во 2017 година традицијата повторно оживеа. Со изборот на Митко Јанчев за градоначалник, „Тиквешкиот гроздобер“ доби нов здив и современа енергија.
Јанчев ја виде манифестацијата како нешто повеќе од локален настан – ја постави како бренд што треба да го претстави Кавадарци пред целата држава и пошироко. Под негово водство, гроздоберот се врати во полн сјај: модерна продукција, спектакуларни концерти, големи балкански имиња на сцена, но и почит кон старите ритуали – карневалот, точењето на вино по симболична цена, изложбите на староградска музика и олдтајмери.

Градот повторно блесна на винската мапа на Балканот. Плоштадот станува море од луѓе – млади и стари, гости од цела Македонија и странство – сите со чаша вино и насмевки. Таа енергија сведочи дека „Тиквешкиот гроздобер“ е начин на живот, заедничка приказна што ја раскажува целата Тиквешија.
Што нè очекува оваа година
Во првите денови на септември 2025, Кавадарци повторно ќе се претвори во сцена со најсилниот пулс во Македонија. Од 5 до 7 септември, под мотото „Традиција, забава и добро вино“, градот ќе дише во ритамот на карневалот, мото-релито, изложбите и концертите. Првата вечер ќе ја отвори урбаниот звук на Тајзи, со поддршка од диџеј Оки Доки, во микс на реге, поп и електронски ритми и за крај Теодора Џехверовиќ. Саботата ќе биде празник на музиката – младата Андријана Петрушовска ќе внесе свежина, „Кулу леле“ забава, а спектаклот ќе кулминира со енергичната Наташа Беквалац. Неделата ќе ја обои духот на традицијата со детски карневал и изложба на олдтајмери, а вечерта ќе биде резервирана за Харис Џиновиќ, „Либеро бенд“ и балканската дива Марија Шерифовиќ, која ќе го заокружи фестивалот со својот моќен вокал.
„Тиквешка трпеза“ за сите гости
Годинашниот „Тиквешки гроздобер“ доаѓа со свежа енергија, новитети и традиционални вредности. На 5 септември ќе се одржи „Тиквешка трпеза“ – долга заедничка трпеза на улицата Илинденска со специјалитети од тиквешки домаќинки и ресторани, традиционален македонски појадок, музика во живо и костими од традицијата. Друг новитет е „Кралско вино“ – тајна дегустација во затворена зона, со слепо тестирање на вина и награда за најуспешните дегустатори.

Се очекуваат над 100.000 посетители, со учество на над 10 странски делегации и 15 карневалски групи од Федерацијата на европските карневалски градови. Фестивалот значи меѓународна промоција на градот, туризмот и економскиот раст. Буџетот за организација изнесува 7.000.000 денари, а дополнителни средства доаѓаат од донации.
Настанот обезбедува платформа за локални производители, ги промовира културното и историско наследство на регионот, а учеството на локалните музички групи го одржува музичкиот и културниот идентитет на „Тиквешкиот гроздобер“. Во програмата се традиционален кошаркарски турнир „Сестри Китеви“, таблијада, изложби, култниот Тиквешки карневал и изложба на олдтајмери со над 100 автомобили, со директен ефект врз локалната економија и туризам.

Три дена Кавадарци ќе биде сцена, легенда и семејна трпеза за сите што ќе дојдат. „Тиквешкиот гроздобер“ во септември е срцето на Македонија што чука силно, со ритамот на музиката, смеата и доброто вино.