Првата „бомба“ во земјава експлодира уште во предизборието на редовните избори во 2006 година. Тогаш, едно од главните ветувања во „економската“ програма на Никола Груевски беше привлекување на странските инвеститори со евтината работна сила. Тој тоа ветување и го исполни. Денес, цената на работникот во Македонија е пониска од таа на кинескиот, најмалку двојно. Во занесот на национализмот кој го нарекуваат патриотизам и среде „уживањето во економскиот раст“, кој се сведе на потполно обезвреднување на сѐ што може да се подразбере под ресурси на една земја, малкумина видоа дека на Македонија ѝ тргна лошо, многу лошо. Но, набргу се виде што значи патриотизам и економија во системот на властодршците.
Кога на 1 јуни 2008 година реки хистерични активисти на ВМРО-ДПМНЕ пристигнаа на плоштадот Македонија (порано Маршал Тито), возгордеани од уште една победа на „нивната“ партија на вонредните парламентарни избори, веќе стана јасно каде оди оваа земја. Дотогаш, веќе две години се градеше една силна партиско-полициска машинерија, која демократијата и владеењето на правото ги замени со контрола, која денес наликува на гротескна, фолклорна верзија на Гестапо. Таа ноќ ја напишав „Town Square Whore“ (Плоштадска курва). Ја има во „Apocalypse“, а на македонски ќе ја читате и во една од моите две нови книги.
ГМЕЧЕЊЕ И МЕЛЕЊЕ
Денес, на споменувањето на човековите права, се одмавнува со главата. „Човекови права? Тешко богами!“ – и тажно и цинично ми рече еден млад келнер кога во разговор неодамна му кажав дека сум активист за човекови права. Тој млад човек тукушто го завршил основното образование, кога новите „вредности“ се инаугурираа во нашава мала земјичка.
По една деценија гмечење и мелење живо човечко месо, го разбирам и него и сите други кога одмавнуваат со главата при споменувањето на човековите права. Тоа за многумина во оваа земја е нешто толку далечно, што изгледа како бајка за мали деца.
По победата над сопствениот народ во 2008-та се претстави најфизичкиот доказ за ова владеење, проектот „Скопје 2014“. Стотици милиони евра фрлени засекогаш, илјадници работници по скелињата третирани полошо и од животните, груба шлаканица во лицето на секој што барем малку држи до вкусот и до современото сфаќање на цивилизацијата. Ќе се вратам на ова подолу…
МОРБИДНА ЛИСТА
Дојде и 2010 година, кога стана уште поочигледно дека демократијата и слободата на изразувањето веќе немаат место во Македонија. ТВ А1 и три дневни весници ги прегази чизмата на специјалната полиција, а речиси сите други медиуми властодршците ги купија со нашите пари. Да, нашите пари, оние од казните, давачките и од кредитите, кои, повторно, ние треба да ги враќаме.
Во меѓувреме, мелењето месо продолжи преку сеење страв и полнење на затворите. По изборите во 2011 година го пикнаа в затвор и довчерашниот брат Љубе Бошкоски, кој од говорниците низ земјата му се обраќаше на својот помлад „брат“ Никола со „Лопатару еден!“. Бошкоски не беше единствен. Политичките затвореници се намножија. И потполно невини и оние што вистински се огрешиле од законот, ако не се на линија со Партијата, завршија в затвор. Ако се дел од машинеријата, бизнисот продолжува.
Избори, уцени и закани, апсења, монтирани процеси, камен-темелници, лопати, кампањи, прозивки во јавноста, етикетирање, поделби, етнички и верски тензии и насилство, крв, игри и лотарии, па пак избори, уцени и закани, апсења и така со ред, морбидната листа е неиздржливо долга.
Сето тоа во две години, до Црниот понеделник (24.12.2012). И тоа го доживеа оваа земја. Земјата го доживеа, а властодршците, наспроти сите логики, не само што се задржаа, туку станаа уште посилни. Повторно мелење месо, избори, апсења, кампањи…
И смрт.
Сомнителната погибија на Никола Младенов во март 2013-та. Па, апсењето на Томислав Кежаровски, кој ја истражуваше оваа трагедија.
Во меѓувреме, земјата ја напуштија стотици илјади луѓе, но бројот на гласачи се зголеми. Авиони, автобуси и коли од Швајцарија и Германија носеа гласачи Албанци за Али Ахмети, а машините штанцаа лични карти и пасоши за фантомските гласачи на Груевски и за оние што учествуваа во операција „Пустец“. Сето тоа го прегрмевме.
Мартин Нешкоски го убија од ќотек во ноќта кога неговите сопартијци славеа уште една победа. „Како жртва, го принесоа на крвавиот олтар на моќта…“ Колкумина други беа трагични жртви на полициската бруталност и тортура, останува да истражуваме во годините пред нас.
Па, изборите во 2014 година, уште еден мизерен водвиљ. Како во пародија на некој еп, маси народ се влечеа со невидлив огламник. Уште една потврда на ефикасноста на машината за мелење човечко месо. Класичен пример за структурно насилство.
Ништо од тоа не беше доволно. Мелењето продолжи. Политичката криза се продлабочи – би бил веќе изветвен израз да замени едно продолжено распаѓање под наркоза. Да, Македонија овие години ми личи на човек легнат на справа за мачење, чии делови од телото ги сечат и ги кинат, но тој се смее, бидејќи во вените му тече опиум.
БУНТОВИ И FADE OUT
Се кренаа неколку бунтови. Неуспешно. „Аман“, невино движење, покренато од чисто социјални побуди против самоволието на една сечи-ќесе компанија. Но, беше опасно, затоа што покажа дека луѓето може да излезат на улица. И на крајот ќе покажеше дека самоволието на таа компанија е овозможено од криминогениот систем. Пропадна.
Потоа дојде и движењето против полициската бруталност, поттикнато од убиството на Нешкоски – опасно приближување кон политичките теми. Колку што беше поефикасно движењето, толку побрзо и поефикасно беше спинувано, ослабено и збришано. Без очигледно физичко насилство, бидејќи структурното насилство и медиумско-полицискиот притисок ја завршија работата. И движењето само доживеа еден слабокрвен и неодреден fade out.
Претходно, Маршот за мир – реакција на етничкото насилство во функција на континуираната (пред)изборна кампања го киднапира власта преку безгласниот претседател и крескавата маалска политичарка и пејачка на ромски песни и неколкумина камелеони. Тоа беше доволно за уништување на идејата и спинот да се избегне сознанието дека етничкото насилство го мотивираат и ги поттикнуваат токму Али и Никола.
Сепак, не беше залудно. Сето тоа, на некој начин, беа вежби за демократија.
ДЕКЕМВРИСКИ РАЗГОВОР
Седми декември, 2014 година (пред два и пол месеца). Сончев ден, недела. Земјата сѐ уште вибрираше од првиот протестен марш на студент(к)ите, а за некои 72 часа беше закажан уште еден. Денови на хаштагот Поздрав Пленумци. Повторно една „неполитичка“ тема – реформи во образованието. Веќе мирисаше на пролет среде ладната зима. Се сретнав со директорката на Фондацијата Фридрих Еберт, Стине Шарлот Клапер. Тоа што беше планирано да биде кратка консултација за проектна соработка, се претвори во прошетка низ дел од политичкиот пејзаж на Македонија.
На Камени мост, симболот на некогашниот град Скопје, сега китнеста бесмислица, ја прашав што гледа и доживува кога ќе се сврти околу себе. „Шокантно е, ако човек не е подготвен“ – рече Стине, откако кратко размисли – „Изгледа нереално. Само бројот на споменици и стилот на градбите те тера да се чувствуваш многу чудно. Не можеш да кажеш што навистина значи сево ова, што е идејата зад тоа.“
Го преминуваме мостот и влегуваме во стариот град, Чаршија. Контрастот е силен. „Се чувствувам како да влегувам во сосема друг град. Да кажам дека е олеснување, можеби е претерано, но секако овој дел го доживувам како почовечен. „Скопје 2014“ не остава чувство на човечко.“ Овие зборови ме потсетуваат на десетици мои пријател(к)и од различни делови на Балканот, Европа и од светот, за чии реакции веќе пишував на овие страници.
Го дискутираме македонскиот политички ќор-сокак како што го нарече и ЕУ комесарот Штефан Филе минатиот октомври. По десетмесечниот престој во Македонија, Стине е уште една претставничка на меѓународната заедница, која може да констатира дека „најблаго кажано, ова е тешка политичка ситуација, каде што нема можности за политички дијалог, ниту какви било позитивни разврски“.
Ме интересираше како луѓето со кои комуницира во Германија гледаат на ситуацијата. Очигледно, за еден претставник од таа западна демократија тешко е да се сфати концептот на бојкот, иако токму во тие денови, белгиската социјал-демократска партија го напушти парламентот.
„Тешко е да се разбере зошто некоја партија би го бојкотирала парламентот. Опозицијата е важен елемент во критиката и контролата на власта, но и за предлагање решенија. Не е невообичаено да се биде во опозиција и воедно да се учествува во креирање и донесување закони што се прифатливи за сите“ – објаснува Клапер.
РУИНА ОД ПАРЛАМЕНТ
Објаснувам дека се наоѓаме во ситуација различна од онаа во Германија и во другите демократии. Го наведувам Црниот понеделник, го резимирам извештајот од изборното набљудување, ги редам политичките затвореници и образложенијата под кои се затворени. Зборувам за тоа дека критичкото мислење воопшто е ставено под чизма.
„Сепак, мора да се има предвид дека опозицијата мора да го искористи секој канал за аргументирана критика, а парламентот е еден од тие канали“ – ми одговори Стине додека јас му подадов десет денари на едно девојче кое просеше.
Направивме паралела со „последните демократи“ во Германија во 30-тите години од минатиот век кога нацистите ја презедоа контролата врз парламентот. „Се разбира, никогаш не може ништо да се спореди со хоророт на тој режим“ – вели Стине. „Сепак, мислам дека демократите што останаа во парламентот додека тоа беше можно, аргументираа и гласаа против фашистичките закони, со тоа испратија многу важна порака. Тие не ги легитимираа потезите на мнозинството со тоа што гласаа против, туку тоа ќе го стореа ако гласаа за или ако молчеа, а имаа шанса да говорат. Го ризикуваа својот живот со тоа, иако не можеа многу да сторат. Знам дека ништо од тоа не може да се спореди со денешницата. Но, се восхитувам на вербата која демократите во тоа време ја манифестирале со тоа што го сметале парламентот за свој дом, без оглед на сѐ. Ниеден глас во парламентот никогаш не е ирелевантен.“
Овие аргументи ги слушнавме и од многумина дипломати. И несомнено стојат сите тие аргументи.
Но, има една битна разлика. Парламентот во Македонија нема, ама баш никаква, функција. Руина. Особено од Црниот понеделник. Опозицијата се врати во него и со посредувањето на дипломатите потпиша, заедно со претставниците на власта, план за излез од кризата, кој потоа Илија Димовски и компанија го нарекоа тоалетна хартија. Свежо е сеќавањето и на карикатуралниот Амди Бајрам, кој му покажуваше среден прст на насобраниот народ пред парламентот и со сиот глас извикуваше „Умрете! Умрете!“.
НАРОДОТ НЕ УМРЕ
Но, народот не умре. Три дена по мојот разговор со Стине се кренаа студентите уште еднаш. На светскиот ден на човековите права. Пишував и за тоа, ѕирнете на веб-страницата на „Фокус“. И знаев, деновите на ова и ваквото владеење се одбројани. Уште пред првата #бомба на Зоран Заев. Со бомбите, а и со реакцијата на премиерот, овој процес вртоглаво се забрза. Одбројувањето #ТикТакТикТак го преплави виртуелниот простор, но уште посилно може да се почувствува во реалниот свет.
Кога СДСМ излезе со шокантните податоци за масовното прислушување на над 20.000 луѓе во изминатите неколку години, скапа операција која ја воделе само двајца братучеди на стратешки места, конечно се уверив во уште една работа. Всушност, не е ВМРО-ДПМНЕ партија на власт чиј верен соучесник и колаборационист е Ахмети и неговата ДУИ. Партиите на власт се само боздоганот во рацете на премиерот и неговиот братучед, бизнисменот и шефот на ДБК, Сашо Мијалков. Само бројката на прислушувани од првата бомба беше доволна да се сфати размерот и природата на ваквото владеење. Втората бомба, не помалку разорна, покажа во каква состојба е судството. Фантастично! Ги надмина и моите очекувања, признавам.
Во меѓувреме, студентите итаа напред. Овие денови создадоа #АвтономнаЗона и одолеваат на акциите на секакви минери, од полициско-медиумските до „леви фашисти“, како што ги нарече еден мој пријател. На страна тоа што талентираниот познавач на природните науки, министерот за образование и наука, ќе повторам, образование и наука, Абдулаќим Адеми, не ги разбира… А обвинителот Марко Зврлевски не добил предмет…
Така, дојде денот кога јас решив да пишувам за Денот потоа. Разговорот со Стине што ви го прераскажав во кратки црти погоре, само почна со констатации и дебата околу сегашната ситуација, но продолжи со разговор за тоа што со денот кога едно вакво владеење ќе заврши. За тоа, во наредната епизода…
Сценаријата за спас на фотелјите се активирани, тоа не може да го скрие ниту она тапоглавоно бимбо на екраните, уште помалку истрошените и провидни Миленко и Латас, а најмалку тажникавите креатури кои се брендираа како „бранители“ и сигнализираат спремност за екстремно насилство и хаос. Затоа, крајот ќе биде громогласен.
И треба тој ден да го дочекаме како луѓе, достоинствени и мудри. Храбри.