Тие кои први креваат раце на добра музика да не ја омаловажуваат нашата фела, порачаа од ,,Ориентал бенд” со славеничка торта

by Fokus

Лидија Паскова и ,,Ориентал бенд” кои се познати како едни од најбараните музичари кога се свадбените веселби во прашање, прославија девет години на сцената со славеничка торта, но и со порака до јавноста.
Во време кога музичарите се доведени во незавидна финансиска состојба, поради забраната за настапи која е актуелна поради пандемијата, тие упатија апел до своите колеги да останат сплотени и да се чувствуваат вредни како луѓе во ова општество.

-Корона вирусот не е причина да не останеме сплотени и блиски, како и секогаш. Останавме лојални пред се кон самите себе, и се поддржуваме во ова време – невреме, потоа и кон луѓето кои ни се верни фанови и горди на нашите достигнувања.Посакуваме животот да ни се врати во нормала, да се радуваме заедно, затоа што ние веќе не можеме да издржиме без веселите насмевки на луѓето кои ги забавуваме и на кои им ги разубавуваме животите.
Имаше и такви кои ја повредуваат и омаловажуваат нашата фела, а први креваат раце на добра музика! Ние остануваме имуни на такви реакции. Секој има право да го изложи своето мислење, сепак сите сме луѓе, а не совршена машина која функционира беспрекорно – порачаа од бендот.

Велат дека на своите колеги им ја даваат безрезервната поддршка, и на сите музичари им посакуваат слога, каква што имаат тие во нивниот бенд цели девет години.

-Посакуваме нашите колеги да се чувствуваат како вредни луѓе во ова општество, затоа што сите живееме под еден покрив. Тоа е токму она кое требаше да го научиме од оваа пандемија! Ние девет години функционираме поради нашата публика, и се надеваме дека ова зло наскоро ќе биде зад сите нас. Очекуваме подобри времиња пред нас, и години на заедничка соработка и убави музички проекти – изјавија од ,,Ориентал бенд”.

Во интервју за ,,Фокус” од минатата година, раскажаа дека свиреле на над 500 свадби и семејни веселби. Имаат свои авторски песни, како и учества на музички фестивали. Членовите на бендот се од Кавадарци и од Неготино, а во Тиквешијата се познати и по низа на хуманитарни акции кои самоиницијативно ги реализирале.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости