Димитров: Ќе бидеме разумни и мудри и ќе го чуваме тоа што е наше, ние ги почитуваме соседите, но бараме и тие да не почитуваат

by Fokus

Не може да се исклучи дека ќе нема Меѓувладина конференција до крајот на оваа година, но ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум согласен со тоа, на вонредна конференција меѓу другото го соопшти заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, кој пресот го одржа по повод мандатното писмо во кое што е содржана мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања.

-Ќе биде неверојатно и антиисториски ако овој процес го свртиме со главата удолу, по сиот влог кој досега беше направен и од Бугарија и од наша страна. -Ќе бидеме разумни и мудри и ќе го чуваме тоа што е наше, и ние ги почитуваме соседите, но бараме и тие да не почитуваат, рече Димитров.

Тој до нашите граѓани упати порака дека процесот за нас не завршува со завршувањето на првата меѓувладина конференција, одлуките се носат со консензус, така што според него во овој момент за секој чекор зависиме од сите земји членки.

-Со одржани 10 физички средби, со постигнати три големи решенија од античкиот, средновековниот и дел од отоманскиот период и согласност за заеднички наратив за пет историски личности за двете страни, јас не би рекол дека работата на заедничката експертска македонско-бугарска комисија е неуспешна. Ако референтната точка за работата на вакви комисии се компаративните искуства на другите држави, германско-француските, германско-полските и други, каде овие комисии работат со децении, мислам дека македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа. Вчера разговарав со членовите од нашата страна, според кои постигната е многу важна препорака во делот на историските учебници и утврдена е динамиката, до крај на годинава да имаат уште една средба и пет следната година. Процесот што го почнавме со Договорот за пријателство е исклучително комплексен и благороден – во преамбулата на Договорот повеќепати се споменува разбирањето, а во членот 2 се говори за обврската на Бугарија да ни помага на нашиот европски пат и ние сме целосно посветени на имплементација на секоја од тие одредби, рече Димитров најавувајќи приод на интензивни дипломатски напори за излез од ситуацијата.

Поврзани новости