Тевдовски: Со ребалансот се издвојуваат пари за намалување на долговите на општините и во здравството

by Фокус

Целта на Предлог Ребалансот на Буџетот за 2018 година е да се направат корекции на расходната страна за да се обезбеди финансиска поддршка за општините за отплата на дел од долговите, како и дополнителни средства за Фондот за здравство, Фондот за здравствено и инвалидско осигурување, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција, по повод усвојувањето на Предлог Ребалансот од страна на Владата.

-Приходната страна на Буџетот е коригирана незначително, за 0,5 отсто надолу. Ревидирањето на планираните проекции на приходите на Буџетот на Република Македонија е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава. Расходната страна на Буџетот е коригирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто – рече Тевдовски.

Тој посочи дека капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка, а каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.

-Се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарди денари за Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување. Со овие средства освен непреченото реализирање на обврските на овие институции се очекува и етапно намалување на долговите на здравствениот систем – истакна тој.

Министерот додаде дека најголема алокација има за општините, бидејќи се обезбедува финансиска поддршка на општините во висина од 3,020 милијарди денари, со цел, како што рече, намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита.

Поврзани новости