Министрите за финансии и труд и социјала, Драган Тевдовски и Мила Царовска, денеска се сретнаа со претставници на репрезентативните синдикати и ги започнаа преговорите за зголемување на минималната плата.
„Ние планираме минималната плата да изнесува 12.000 денари и околу тоа прашање нема дилема, но денеска со синдикатите ќе разговараме не само за висината, туку и за другите сегменти при утврдувањето на минималната плата. Како што ветивме за сите проблеми ќе имаме отворен пристап, таков ќе биде и за минималната плата“, рече Тевдовски.
Тој најави дека е планирано висината на минималната плата да важи за сите сектори и дека е предвидена помош за најсиромашните сектори за што се обезбедени пари во буџетот.
Како што беше изјавено пред средбата, двајцата министри ќе остварат средби и со претставници на организациите на работодавачи и коморските здруженија пред да понудат конечен текст за расправа на Економско-социјалниот совет.
„Ќе бидам бранител на работничките права посебно на работниците кои досега беа дискриминирани со понизок износ на минималната плата и оние кои работат на најтешки работни места“, рече Царовска.
Царовска и Тевдовски се оптимисти дека брзо ќе биде договорена минималната плата и дека нема да има проблем од страна на работодавачите.
„Во досегашните разговори, работодавачите изразија подготвеност да ги зголемат платите, но бараа да нема политички притисоци и да има рамноправен третман на сите, што од наша страна веќе го покажуваме со неселективниот поврат на ДДВ“, рече Тевдовски.