Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници е со цел подмирување на заостанати обврски, им рече на пратениците министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната собраниска седница.
-Одлуката е одраз на нашата определба за ефикасно управување со јавните финансии и редовно плаќање на обврските. Со оваа отплата ќе се заштедат пари кои би се потрошиле за плаќање камати и судски трошоци за неподмирени обврски – рече Тевдовски.
Тој побара од пратениците поддршка со изгласување на одлуката, како би се подмириле дел од долговите на државата.
Најмногу средства се предвидени за исплата на долгови при изградбата на Македонска филхармонија, за опрема во Министерството за внатрешни работи, за градежни работи преку владината Служба за општи и заеднички работи.
Со одлуката се врши реалокација на планирани средства во министерствата кои нема во целост да бидат искористени до крајот на годината.