Прекројување на касите за да се исплатат фактури од „Скопје 2014“, за долгови на Македонска филхармонија предвидени 15 милиони евра

by fokus 12:35
12:35

Собранието ќе работи денеска и покрај тоа што е неработен ден поради итноста на одлуката за прераспределување на средства меѓу буџетските корисници, која Владата ја донесе на вчерашната седница. Се работи за прекројување на касите во Министерствата со цел средствата кои останеле како вишок во некои ставки да се пренаменат во други ставки за исплата на долгови и заостанати фактури.

Станува збор за 26.782.000 евра кои што треба да се распределата така што ќе се обезбедат средства за исплата на достасани обврски за сметка на проектите кај кои е забележано позабавено темпо на реализација.

Од Владата објаснуваат дека долговите се оставени од претходната власт, а највисоки долгови има во изградбата на Македонската филхармонија, па со прераспределбтаа оваа установа ќе добие и најмногу средства за да ги исплати неподмирените обврски.

- Advertising -

Во буџетот за Службата за општи и заеднички работи на Владата, во ставката изградба и реконструкција на административни згради на државни органи се пренаменуваат 2.308.943 евра.

Најмногу средства за пренаменуваат за финансирање на дејности од областа на културата. Големата концертна сала за Македонската филхармонија ќе добие 15.142.878 евра за да ги исплати заостанатите обврски. Од Владата велат дека долговите на Македонската филхармонија се дури и поголеми. Не се зголемува предвидената сума за изградба на овој објект, посочуваат од таму, туку се исплаќаат заостанати обврски наследени од претходната Влада.

За исплата на долгови при изградбата на Албанскиот театар во Скопје се пренаменуваат 303.349 евра. За неподмирени обврски при изградба на театарот и библиотека во Тетово се предвидуваат уште 1.276.422 евра.

За купување на опрема и машини во Министерството за внатрешни работи се пренаменуваат 2.026.943 евра.

Во Министерството за финансии за 3.040.000 евра се зголемува ставката за вложувања и нефинансиски средства.

Во Министерството за образование 1.707.317 евра ќе се пренаменат за материјали и ситен инвентар. За преведување и печатење на стручна литература во ова Министерство ќе бидат обезбедени уште 650.406 евра, а за договорни услуги се предвидуваат уште 325.203 евра.

 

Поврзани новости