Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи на новинарско прашање околу нов мандат, рече дека партијата ќе одлучи дали ќе ја кандидира и доколку ја предложат нема да рече не.
-За мене е важно да ги заокружам и завршам обврските кои се преземени како работа за овој мандат и на тоа ми е важно да одработиме и да ги реализираме. Во однос на кандидирањето партијата ги врши своите анализи, фактички е работа на партијата да одлучи кого ќе кандидира. Јас не сум рекла никогаш не, кога ми е речено дека сум најдобриот кандидат за добивање на избори. Да сум барала јас, никогаш не сум побарала, но во однос на работењето имам обврска да ги завршам овие одговорности како градоначалник, изјави Теута Арифи по денешната средба со министерот Благој Бочварски.
За големите долгови на општината, таа истакна дека начинот е во репрограмирање на процесот на враќање на зајмените средства.
-Наша политика била да не одиме над тоа ниво на задолжување туку тоа ниво да го задржиме и исто така да работиме и реализираме проекти. Треба да се има во предвид и целосниот тренд, во однос на долговите и задолжувањата во цела држава и тенденциите што се во светот. Од тој аспект за нас е важно да бидеме дел на пошироки политики во однос на градење на државни политики кон ре-програмирање на долгот. За нас би било добро и важно да се најдат програми како да се оди со ре-програмирање на долгот на општините што би дала можност за поголем развој на општината.Тетово е со најголем број на вработени на администрација и тоа не треба да се потцени кога зборуваме во едни пошироки контури за задоженоста на општината. Треба да има поширока дебата за статусот на вработените не само во општината туку во цела држава, рече Арифи.
Градоначалничката информира дека за булеварот „Благоја Тоска“ при крај е со исплата на средствата за експропријација и пробивање.
-Имаме последни подготовки за во текот на пролетта да почнеме да работиме. Долго време траеше експропријација. но веќе станарите имаат информаци објектите да ги напуштат за да се оди на ослободување на трасата, рече Арифи.
Продолжението на булеварот „Видое Смилевски-Бато“, според неа е погодна за возење и има осветлување. Треба, додаде, да се довршат тротоарите и некои детали па ќе има промоција.