Тетово веќе прави коалициски проблеми

by Фокус

Резултатите од изборите за градоначалник во Тетово, каде во втор круг влегоа актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи и лидерот на БЕСА Биљал Касами, веќе почнаа да прават одредени меѓукоалициски проблеми.

Имено, двајцата кандидати за градоначалници на Тетово од ДУИ и БЕСА се коалициски партнери со помош на кои се држи кревкото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, кое има само 62 пратеници.

Оттука, СДСМ и Зоран Заев тешко можат отворено да застанат зад еден од кандидатите и да се обидат да ги пренасочат оние 2.373 гласа што ги освои нивниот кандидат во првиот круг, кои ја надминуваат разликата што ја направи Арифи пред Касами.

СДСМ има голем интерес да добие што поголема помош од ДУИ во вториот круг во битката за Скопје, Куманово, Битола и некои други општини, а за ДУИ, како и за сите албански партии, Тетово е клучна општина.

Сепак, упатените велат СДСМ ќе биде воздржана во Тетово, поради четирите пратеници на БЕСА кои можат да бидат пресудни за ново парламентарно мнозинство.

Но, за поддршката што би ја добиле од ДУИ, СДСМ може директно да возврати пред се во Струга и Кичево, каде социјалдемократите може да одиграат клучна улога во корист на интегративците.

Што се однесува до Тетово, се очекува поотворен пристап на ДПА чиј кандидат освои над 3.000 гласа, кои најверојатно, според партиски избори, ќе одат на конто на ДУИ.

Меѓутоа, синоќа од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, чиј кандидат освои над 6 илјади гласа, стигна најава дека може да го поддржат Касами.

Но, веднаш стигна реакција од нивниот коалициски партнер Алтернатива на Африм Гаши, од каде отфрлија можност за поддршка на Касами.

Инаку, аномизитетот на Алијанса е поголем кон ДУИ, додека на Алтернатива е поголем кон БЕСА, со оглед дека произлегоа после раскол во оваа партија.

Оттука, вториот круг за избор на градоначалник во Тетово веќе прави проблеми меѓу коалициски партнери во опозицијата, а можно е да направи и во самата влада.

В.С.

Поврзани новости