Викендов се одржа првата интернационална конвенција за тетовирање во Скопје, а првото „Skopje Tattoo Show 2023“ кое поминало во најдобро светло покажало дека се поголем број на Македонци се заинтересирани за тату индустријата.
-На „Skopje Tattoo Show 2023“ присуствуваа над 50 интернационални и балкански артисти кои ја покажаа уметноста со бои во различни техники и стилови. Натпреварувачите се натпреваруваа во повеќе категории и во двата дена беа прогласени победниците во соодветните категории.
Победници од првиот ден беа: Дамјан Клинчаров најдобар во категоријата мала тетоважа, најдобар во заздравена тетоважа беше Срѓан Цетник и најдобра за првиот ден беше Јоана Фаферко. Вториот ден се доделија награди за најдобра црно-бела тетоважа која замина кај Зоран Трајковски, најдобар во колор тетоважа беше Никола Стефановиќ, најдобар на денот беше Дамјан Клинчаров и наградата за најдобра тетоважа на конвенцијата ја доби Влатко Здравков.
За загревање на атмосферата се погрижија музичките уметници како бендот Shugarfree, DJ Goce и DJ Strajk, но и многу други.
Свое предавање имаше и м-р Ивана Хаџиманова, психотерапевт со долгогодишно искуство во областа на менталното здравје на темата „Под површината: Психологијата и подлабокото значење на телесната уметност “, додека уметникот Михаил Курбин имаше своја изложба- велат од организацијата на настанот.
Првата „Skopje Tattoo Show 2023“ конвенција послужила како платформа за поврзување на заедницата за тетовирање и со цел да изгради трајни врски помеѓу учесниците.
„Skopje Tattoo Show 2023“ беше и од хуманитарен карактер, а средствата собрани од влезниците ќе биле донирани на децата на кои им е најпотребно.
Вики Клинчарова