Текстот е објавен на 15-ти март 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 924
Уште на стартот на изборната кампања, решенијата на изборните комисии, а потоа и на Управниот суд, покажаа дека најчесто изборите се добиваат на маса, па затоа контролата на по малку чујниот административен суд е многу важна во изборниот процес. Ако Бедредин Ибраими од ДИК тврди дека Управниот суд извршил атентат на изборите со прифаќање на заедничките листи за Кичево и за Струга на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, тогаш како да ја сфатиме улогата на кадрите Албанци во тој суд, кои се повеќе од 25 проценти, и инсистирањето на чело на судот да има претседател Албанец? Кои се судиите што одлучуваа за тоа кој ќе ја трча изборната трка и на крај треба да ги верификуваат одлуките на ДИК?
Пишувал
Саше ДИМОВСКИ
Управниот суд, навидум не толку важна судска инстанца за чии одлуки јавноста не била заинтересирана, уште на самиот старт на изборната трка покажа дека е важен играч во целиот изборен процес. Како дури сега да се разбра дека од нивните резултати зависи текот на изборниот процес, кој се ќе учествува, но и на крајот, тие ќе бидат „оверувачи” на изборниот резултат.
Формиран како суд на почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Управниот суд доби дел од надлежностите што ги имаше Врховниот суд во делот на управните спорови, ингеренциите за решавање по решенијата на органите на управата, дел од прекршоците, тоа што го работеа владините комисии по жалби, решава за жалби по Јавни набавки против решенијата на комисиите и за последната надлежност која ќе ја анализираме во овој текст – текот на изборниот процес.
Во судот вакви предмети има само во време на изборни години и циклуси, но сите се итни, се решаваат во рок од неколку часа, дење или ноќе, зависи од тоа кога се поднесени и нивните одлуки ставаат крај на одлуките на изборните комисии.
КЛИНЧОТ ЗА СТРУГА И КИЧЕВО
Само две одлуки на Управниот суд, донесени по тужба на СДСМ за листите во Струга и во Кичево, беа доволни да се разбрануваат политичките страсти кај албанските политички фактори и кај нив да се забележи страв дека на тој начин ќе ја изгубат контролата во овие две општини. Управниот суд само за почетокот на кампањата донел веќе десетина пресуди, кои секако не се безначајни. Со мало истражување на судскиот сајт, во очи паѓа брзината со која одлучувал судот, во законски пропишаниот рок, а со таа брзина пресудите и се објавени јавно. На тој начин избегната е неизвесноста и нечија желба да ја објави или не одлуката во ДИК или ОИК преку кои се враќаат одлуките до политичките субјекти.
Друго што може да се забележи е и податокот дека одлучувале повеќе совети во судот, а во речиси секој совет, па и во тие што ги донеле одлуките што ги разлутија албанските политички лидери, членуваат по еден Албанец и по двајца Македонци. Во едниот случај, претседател на Совет е Албанец, кој потпишал одлука за прифаќање на листите. Во тој случај, Управните судии ги поништија одлуките на ОИК во Кичево и во Струга кои ја отфрлија листата на СДСМ за советници, составена заедно со ВМРО-ДПМНЕ, затоа што според ОИК речиси половина кандидати веќе биле на претходна листа, а според законот не може еден кандидат да фигурира на две листи.
Но, за да биде правната рашомонијада поголема, ОИК во Струга и во Кичево, намерно или не, превиделе дека ДИК го прифатил повлекувањето на претходно поднесената листа на ВМРО-ДПМНЕ, што значи, такви листи веќе нема. Тоа што тие листи биле потврдени е ирелевантно, откако Парламентот го дозволи дополнителниот рок за поднесување на листите до 8 март на полноќ.
Но, во случајов одлуките на Комисиите во Кичево и Струга треба да се гледаат и низ призма на реакциите на двајцата членови Албанци во ДИК на предлог на ДПА и ДУИ, кои застанаа во одбрана на комисиите и одбија да учествуваат во работата на ДИК, откако ДИК или членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, решија да го прифатат повлекувањето на првичните листи на ВМРО-ДПМНЕ, па во новиот рок да се поднесат дополнети листи на кои има кандидати од двете коалиции предводени од владејачката и опозициската партија.
Во правното надмудрување и читање на законот низ призма на стравот од сегрегација на едниот наспроти другиот блок, Македонци и Албанци, општинските комисии кои решенијата ги донеле со надгласување, три наспроти два гласа, но врз база на етнички, а не партиски принцип, покажа дека на ОИК и ДИК им е неопходен силен контролор. Дали Управниот суд беше на таа задача, носејќи ги одлуките за Кичево и Струга, каде што дозволи да учествуваат македонските партии со заедничка листа?
Овој пат, ДПА, преку членот во ДИК Бедредин Ибраими одлуките ги оцени како атентат на изборниот процес, македонските партии беа воздржани, а во коментарите многу не се истакна ни ДУИ, чиј кадар раководи со Управниот суд.
Но, сакале да признаеме или не, ДУИ кои имаат 8 судии од 28 колку што има Управниот суд и претседател, колку и да биле моќни не можеле да издејствуваат поинакви одлуки од две причини: во сите совети, па и таму каде што претседаваат судии Албанци останатите двајца членови се Македонци, сите избрани во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, колку и да сме согласни дека групирањето по етничка основа како што е спојот на албанските партии за Советот на општина Битола може да е лошо, правно е издржано, па нема ништо спорно во одлуката да коалицираат со заедничка листа и да ја поднесат во дополнителниот рок кој е определен од Собранието. До крајниот рок, било која партија може да ги менува листите, по свое наоѓање или по барање на ОИК, доколку на нив има одредени неправилности.
НЕМА ДВОЈСТВО НА СОВЕТНИЧКИ ПОЗИЦИИ
Еве што содржи ставот на Управниот суд за случаите во Кичево и Струга. По жалбата за Струга одлучувале судиите Дитурие Елези Незири, Даниела Антовска и Ана Герасимовска. Тие велат дека струшката изборна комисија донела незаконско решение, спротивно на регулативата, кога ја отфрлила заедничката листа, наведувајќи дека СДСМ не ги отстранил констатираните неправилности во рок од 5 часа откако била предадена листата.
ОИК Струга, според судот, на седницата на осми март која почнала во 22 часот, по претходно донесена одлука на Државната изборна комисија за поништување на решението на ОИК од 18.02.2013 година со која била потврдена листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ, донела заклучок во кој утврдила дека не може да се повлекува и поништува поднесена листа на кандидати која била претходно потврдена. СДСМ на 8.3.2013 во 23.45 часот ја поднел заедничката листа со ВМРО-ДПМНЕ , по што, ноќта во 02.00 часот ОИК ги известил дека на листата имало наведено 13 партии кои коалицирале, а има на листата 12, како и тоа дека 12 кандидати за општинскиот Советот веќе се предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Според струшката комисија, законот не дозволува еден кандидат да се наоѓа на две листи. СДСМ постапила по укажувањето, но ОИК Струга, утрото во 05.20 часот констатирала дека посочените неправилностите не биле целосно отстранети, кандидатите и натаму останале на листата, па поради ова ја отфрлила листата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Управниот суд наоѓа дека СДСМ со поднесокот за уредување од 09.03.2013 година, поднесен во 05,10 часот постапил по задолженијата на Општинската Изборна Комисија Струга и истиот доставил корегирана Листа на кандидати за избор на советници на Советот на Општина Струга по однос на првата утврдена неправилност наведена во известувањето. За втората неправилност (имињата да се наводно на двете листи) Управниот суд утврди дека со одлука од 8.03.2012 година, поништено е решението на ОИК Струга од 18.02.2013 година со која била потврдена листата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, па во моментот на поднесувањето на листата од страна на СДСМ на ниту еден од предложените кандидати не им бил потврден кандидатскиот статус на друга листа. Со ова, СДСМ постапил според Изборниот законик” – наведуваат управните судии во одлуката за Струга. За нив, неприфатлив е ставот на струшкиот изборен одбор дека листата не била уредена по укажувањето, па за тоа е отфрлена.
Пресудата за Кичево ја донеле судијките: Рахилка Стојковска, Анета Џигерова и Благородна Аранѓелова. И овде судот наведува исти аргументи како во случајот на Струга: ОИК не го ценела тоа што ДИК ја поништила претходно листата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин немало двојство на позициите. „Судот најде дека не може да се прифати ставот на Комисијата дека поименично наведените кандидати во отфрлената листа наведени во оспореното решение се пријавени за повеќе од една листа”-пишува и во оваа пресуда.
Покрај пресудите за Кичево и Струга, кои ги спомнавме во текстов, вреди да се спомене и одлуката на Управниот суд со која се потврди решението на ОИК за Шуто Оризари: да се отфрли листата на опозицискиот сојуз за советници бидејќи во законскиот рок од 5 часа не биле отстранети констатираните неправилности.
На 10 март судиите: Рамије Абдурахими Цара, Марта Телегравчиска и Гордана Илиевска одлучиле да ја отфрлат жалбата на СДСМ за Шуто Оризари како неоснована и да го потврдат решението на Комисијата да се отфрли некомплетната листа за која во дополнителниот рок партијата не ги извршила потребните измени.
СДСМ, според комисијата и Управниот суд, на листата на кандидати за советници во Шуто Оризари, не ја навела и Партијата за Европска иднина ПЕИ, како што стоело во договорот за коалицирање, кандидатот со реден број 8 на листата немал доставено доказ Основниот суд Скопје 1 дека не е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор над 6 месеци, или дека не се наоѓа на издржување на казна затвор.
Покрај овие, коалицијата предводена од СДСМ немала отворена жиро сметка за изборна кампања, услов кој е предвиден во дополнувањата на Изборниот законик. Претставникот на СДСМ тврдел дека поднел корегирана листа, но за тоа не доставил доказ во судот, па одлуката на Управен е во Шуто Оризари да немаат советничка листа.
ТИТОВИТЕ ИЗГУБЕНИ ВО СКОПЈЕ
Но, ова не се единствените одлуки на Управниот суд за локалните избори 2013 година. Така, судот го поништил решението на ОИК Пробиштип со кое била одбиена листата на група избирачи предводени од Ванчо Златев. Судиите донеле две одлуки и по тужби на партијата Титови леви сили. Управниот суд ги одбил тужбите што ги поднела партијата за општините Карпош и Аеродром кои ги отфрлиле нивните листи за советници затоа што задоцниле во поднесувањето, во едниот случај за 10 а во другиот за 40 минути. Оваа партија тврдела дека задоцниле затоа што ги барале седиштата на изборните комисии, кои не биле во општините, туку, едната била сместена во трговскиот центар „Бисер”, а другата во училиште во Карпош.Тие имале проблем и со добивање уверенија за неосудуваност, кои од судот за последните шест кандидати им ги издал на помалку од еден час пред истекот на рокот.
Во овие два случаи, различните совети на Управниот суд во пресудата наведуваат дека ги имале во вид оправдувањата на Титови леви сили, но им укажуваат дека уверенијата можеле да ги побараат и порано, а не во минута до 12, а за седиштето, според судиите, законот не дефинирал дека ОИК мора да има седиште во општината, па за овој проблем, ако не знаеле каде се комисиите, можеле да прашаат телефонски во ДИК.
Сојузот на Ромите се жалел против прифаќање на листи на конкурентите за Шуто Оризари, но нивните тужби се отфрлени.
Јаворка Комненовиќ како предводник на листа на група избирачи во општина Чучер-Сандево не успеала на време да отвори жиро-сметка, па Управниот суд само го потврдил решението на општинската комисија. Интересен е случајот и со листата на СДУ за општина Ѓорче Петров. И тие задоцниле, комисијата ги одбила, а судот ја потврдил таа одлука. СДУ тврди дека нивниот претставник тргнал на време, но по пат му се слошило па бил пренесен на Клиниката за максилофацијална хирургија, а неговиот брат, кој бил повикан да ја однесе листата, задоцнил.
Поради ова, СДУ нема да има листа во оваа скопска општина. Со одлука на Управниот суд, дозволено им е на група избирачи предводени од Илија Стојанов од Битола да учествуваат на изборите, и преиначено е решението на битолската комисија која поради неправилност им ја отфрлила листата.
СУД ЗА ИСКУСНИ ПРАВНИЦИ СО ПОТВРДЕНИ ВРСКИ
Од овој преглед се гледа колку може да промени Управниот суд, како на почетокот на кампањата за тоа кој се ќе учествува на изборите, така и до самиот крај, со потврдување на изборните резултатите кога ќе одлучува за решенијата на ОИК и ДИК за утврдување на резултатите. Судот кој беше основан по 2006 година, вдоми во речиси сите случаи докажани правници со голема партиска поддршка пред се, па судиите се блиски роднини на функционери од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Од почетокот, до формирањето на Вишиот управен суд, претседателка беше Розалија Кочкоска, но по нејзино именување за шеф на Вишиот, Управниот суд е раководен од кадар на ДУИ, кој претходно работеше во Министерството за правда. Според бројот на судиите, тие надминуваат 25 проценти како Албанци, а во неговиот состав има две судијки кои завршиле Академија за судии, додека другите доаѓаат од управни органи: општини, катастар, советници во судови, па до поранешни пратенички, каков што е примерот со Весна Јовановска од Битола, од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе три години судија на Управниот суд.
Иако овие функции се помалку атрактивни од тие во редовното судство, низата области за кои одлучуваат, од даноци, царини, јавни набавки, денационализација, до прекршоци и избори, го прави судот атрактивен од време на време по разни поводи. Затоа, кој како и да ги коментира одлуките на Управен, а ќе има уште реакции кога ќе се одлучува по крајните резултати, факт е дека судот е битен од две причини: да го реши инаетот помеѓу ОИК и ДИК како што беше во овој случај, но и ако има потреба, на зелен терен да ги реши изборите. Затоа, според народната, Управен суд нема да ја оправи демократијата и изборниот ефект, ама тешко на партиите кои немаат свои луѓе во него!
За тие што на време мислеле кого да сместат во овие фотелји, едно е јасно – зима нема!