Тешки метали се пронајдени во домат и краставица, тврди Трипуновски

by Фокус

Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија, изјави Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во денешниве извештаи кои ги презентирам се официјални документи во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен. Првиот извештај се однесува на направена анализа на домат, нарачател е АХВ, примерокот е земен на 28.05.2023, а анализата е извршена на 30.05.2023 година.

Во оваа анализа на домат констатирано е присуство на кадмиум од максималните дозволени количини 0,05 мерни едници, во извештајот се детектирани 1,34 мерни единици. Ова е за 27 пати над дозволените количества кои што треба да ги има овој производ.

Вториот хемиски елемент, тежок метал олово согласно правилникот за максимално дозволено ниво е 0,10 мерни единици, а во овој резултат количеството на детектирано олово е 4,48 мерни единици или за 45 пати над дозволената граница – рече Трипуновски.

Тој презентираше документи и за направени анализи на примерок од краставица.

-Вториот резултат од ДФЛ се однесува на примерок од крставица, нарачател за земање примерок е АХВ, земен примерок на 28.05.2023 година, а датум на завршување на анализата е 30.05.2023 година. Овде во овој резултат се детектирани три хемиски елементи, односно тешки метали.

Првиот е арсен каде што согласно правилникот не е дозволено присуство на овој тежок метал во храната. И во резултатот е детектирано 2,0 мерни единици, што е катастрофален податок. Вториот тежок метал е кадмиум со резултат од 0,64 мерни единици, што е за 13 пати над дозволената граница.

И третиот елемент, односно тежок метал е оловото кое што е детектирано со резултат од 37,43 мерни единици што е за фрапантни 374 пати над дозволената граница – истакна Трипуновски.

Поврзани новости