Тешка сообраќајна несреќа се случила вечерва во близина на штипското село Лакавица. Во судирот на две возила повредени се 13 лица. Во едното возило се превезувале мигранти.
Портпаролката на СВР-Штип, Гордана Панајотова, потврди дека во несреќата учествувале две возила, меѓутоа повеќе детали како се случила не може да даде, бидејќи во тек е увидот од страна на истражните органи.
Директорот на Клиничка болница Штип, Ален Георгиев за МИА вели дека во болницата се хоспитализирани 13 лица, од кои 11 се мигранти и двајца се македонски државјани.
Според она што му е презентирано од страна на дежурните лекари, прв впечаток е дека ниту еден од повредените не е во животозагрозувачка состојба, но во тек се прегледите и снимањето со цел да им се утврдат повредите.
Првично станува збор за мигранти од Пакистан, а мигрантите кои се во моментов во болницата во Штип ќе бидат примени на две одделенија, на ортопедија и на хирургија. Георгиев вели дека во текот на ноќта мигрантите ќе бидат и тестирани за ковид-19.
Повеќе детали околу несреќата се очекува вечерва или во текот на утрешниот ден.