Смешно е што партијата што ја поддржува професорката, го повикува Пендаровски да ѝ се извини на професорката, професорката, професорката… За што? За нешто што извикал некој човек на митинг? Да не носеше тој, кумановецот, погребни крстови на митингот со имињата на личности од другата партија.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Ја следам кампањата на претседателските кандидати лежерно, површно и некако повеќе по слух и забележувам едно роморење, чуено досега илјада пати од секој кандидат поединечно.
Значи, досега, практично до пред неколку дена, од седумтемина влезени во трката за највисоката функција во државава реториката беше сосема пристојна.
Нормално, при еден демократски предизборен процес при крајот на кампањата се зголемува жестокоста, но од кандидатите се очекува да ја задржат присебноста и да манифестираат високо, културно ниво на една меѓусебна вербална борба, афирмирајќи ги притоа сопствените политички погледи.
Друго се социјалните мрежи, медиумите, па и митинзите каде што има секаков свет и каде што се истураат секакви вулгарности, злоби, навреди, плукања, клетви, понижувања…(веќе бегам од онаа излитена фраза:„говор на омраза“!)
Го видов видеото од митингот на професорот Стево Пендаровски во Куманово, кога еден запален, припрост сдсмовски митингаш на крајот, со својот долен кафеански хумор упати навредливи зборови кон професорката Силјановска – Давкова.
Забележав дека и Пендаровски се изненади, ниту плескаше на извиканата погрдна поговорка кон Силјановска ниту, пак, го заплеска со шлаканици и со клоци воспалениот навивач, што е очекувано од еден господин, мирен и воздржан.
ПРОСТАЧКИ ГОВОР
Ќе продолжам понатаму без академските титули на претседателските кандидати, од кои барем четворица се професори и доктори на науки.
Само вмровскиот свет и ним сличните паѓаат на професорлакот на Силјановска – Давкова.
Но затоа ми е зачудувачко нејзиното однесување и нејзиниот недоличен настап по „инцидентот“ во Куманово.
Го спушти прагот на пристојноста и се стопи со простачкиот говор на еден воспален митингаш, со неговиот простодушен хумор, во кој Силјановска виде шанса да го истури сето она што ѝ било на врвот на јазикот со еден недоличен сарказам и тешка малограѓанштина и кон Пендаровски, но и кон претседателот на СДСМ кој, замислете, имал прекар од женски род.
Мене ова ми личи повеќе сексистички отколку она на митингашот. Затоа и јас не кажувам ни што кажа митингашот, ни каков е прекарот на претседателот на СДСМ.
Само, смешно е што партијата што ја поддржува професорката, го повикува Пендаровски да ѝ се извини на професорката, професорката, професорката…(повторувањево е само во еден пасус од настапот на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ)!
ЈА ПОТЦЕНИЈА СИЛЈАНОВСКА
За што? За нешто што извикал некој човек на митинг? Да не носеше тој, кумановецот, погребни крстови на митингот со имињата на личности од другата партија.
Скраја да е! Сѐ сме виделе. Само не сме виделе некој да се извини за крвопролевањето на 27 април, да се извини за масовното прислушување, да се извини за „касапаната“ на медиумите…
Што се однесува до извинувањето и двајцата кандидати, според запаливата атмосфера, ќе мора да прекинат со кампањата и да се извинуваат еден на друг за секој погрден пост од поединци на социјалните мрежи, за секој вулгарен израз кај некои од ТВ-медиумите и порталите, за секое извикување на митинг…
Ја разбирам стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ што целата енергија ја впрегна да ја истурка Силјановска за претседател.
Но, со таквата стратегија баш ВМРО-ДПМНЕ најмногу ја потцени Силјановска-Давкова. Едноставно покажува дека не верува доволно во нејзиниот капацитет дека може самата да се избори во трката за победа на претседателските избори. Затоа сите се покрај неа, како да ѝ го држат стравот.