Тереза Меј бара пролонгирање на Брегзит до 30 јуни

by fokus

Британската премиерка Тереза Меј во писмо кое денеска го испрати до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск побара одложување на Брегзит до 30 јуни со цел да им се овозможи на пратениците да го усвојат договорот за излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

„Велика Британија предлага тој период да заврши на 30 јуни 2019 година“, напиша Меј, во кое, исто така, бара во случај на постигнување договор пред тој датум и предвремено завршување на тој период.

„Владата сака да договори распоред за ратификација кој ќе овозможи излегување на Велика Британија од ЕУ пред 23 мај 2019 и откажување на изборите за Европскиот парламент, но ќе продолжи да работи на одговорни подготовки за одржување на изборите доколку тоа се покаже невозможно“, наведе Меј.

Претходно, високорангиран, неименуван функционер од ЕУ изјави дека претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предлага да и се дозволи на Велика Британија „флексибилно продолжување“ од 12 месеци за напуштање на ЕУ.

Таквиот предлог би и овозможил на Велика Британија во рок од 12 месеци, но и порано да ја напушти ЕУ доколку Парламентот на таа земја го ратификува договорот. Сепак, со тој предлог би требало да се согласат и останатите членки на средбата што ќе се одржи в среда, јави Би-Би-Си. Туск ќе ги убедува европските лидери дека на тој начин не би морале да се состануваат на неколку недели само за да го пролонгираат Брегзит.

Во текот на денешниот ден, разговорите за Брегзит ќе ги продолжат конзервативците и лабуристите. Велика Британија, согласно актуелниот договор, треба да ја напушти ЕУ на 12 април.

Поврзани новости