Тепачката од пред десетина дена можеше ракометарот Стојанчо Стоилов да го чини една година затвор. Ако полицијата после инцидентот му поднесеше кривична наместо прекршочна пријава ќе се активираше условната осуда за ракометарот. Имено, во 2013-тата година Стоилов е осуден на затворска казна- ако во наредните три години го повтори делото ќе мора да одлежи една година затвор. Со оглед дека периодот од три години истекува во март, се уште е важечка условната осуда. Затоа цела среќа за Стоилов е што помина со прекршочна пријава, оти во спротивно ќе мораше да оди зад решетки.
Дали таквата пријава следува со оглед на неговата условна осуда или навистина учесниците во тепачката заслужиле само да бидат прекршочно гонети? Според пресудата од пред три години Стоилов заедно со негов пријател се одговорни за кривичното дело „насилство“ затоа што во дискотеката Хавана во 2011-та претепале други двајца. Според пресудата, Стоилов се налутил зошто неговата девојка била поздравена со гушкање од лицето А.С. по што ракометарот видно љубоморен му се истурил на непознатиот. Нему му помогнало лицето со иницијали М.П, додека на нападнатиот притрчал да му помогне другарот В.Ф. кој исто така настрадал од тупаниците на посилните противници.
Пред неколку денови пак, според МВР, Стоилов не сакал да се фотографира со неколкумина лица, кои се преставиле како негови фанови, кои потоа, во знак на незадоволство започнале со оштетување на автомобилите на неколкумина ракометари кои биле во друштво на Стоилов кај пекарата „Силбо“ спроти слаткарницата „Апче“. По реконструкција на настанот следуваа пријави, но прекршочни, и за Стоилов, но и за еден од противничкиот табор.