Поради слободно место на градскиот пазар Кавадарци, каде ќе можат да ги продаваат своите пиперки, завчера дошло до физичка пресметка помеѓу две групи на пазарџии. Според СВР Велес, со мавање на шишиња, стапови и тупаници се решавало кое продажно место чие ќе биде, па на крај, со полесни физички повреди, дел од учесниците во тепачката завршиле во болницата во Кавадарци.
,,Станува збор за две групи, едната од Росоман, а другата од село Шивец. Значи, вкупно пет лица се степале, група од тројца и група од двајца браќа, пазарџии. Сите биле на возраст од околу триесеттина години, а дел од нив се здобиле со лесни телесни повреди. По извршениот преглед и интервенција во здравствениот дом во Кавадарци, биле пуштени на домашно лекување’’ – ни изјави портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.
Видео од тепачката на пазарџиите веќе се споделува на социјалните мрежи, а кавадарчани коментираат дека не се изненадени од настанот, бидејќи проблеми на градскиот пазар отсекогаш имало.
,,Несреденоста на градскиот пазар, сообраќајниот метеж кој се создава во пазарните денови, плус неодговорниот и слаб откуп се резултат на немилиот настан. Локални избори се во тек па нека согледаат кандитатите за градоначалници, иако имаат свои програми, но и ова е еден од долгогодишните проблеми на градот од централното подрачје.
Би можело да се амортизира во иднина, да не доаѓа до ваков неубав момент, реализација на уште еден или два дополнителни пазари во градот на други локации, со што цела насобрана енергија за тек на пазарен ден среда, петок и недела би се апсорбирал или амортизирал, да не се создава толку голема концетрација на едно место од пазарџии и купувачи’’ – се дел од коментарите и предлозите на кавадарчани.
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од редовите на СДСМ, Бетиан Китев, исто така се вклучи во дискусијата на социјалните мрежи, по повод случката со пазарџиите.
,, Овој проблем е одамна во Кавадарци и многу од предлозите и сугестиите на граѓаните беа токму за пазарот во Кавадарци. Во нашата програма за овој дел планираме изградба на Затворен пазар со подземен паркинг простор. Со тоа би се намалила гужвата која ја прават возилата паркирани по улицата. Се согласувам и дека на Кавадарци неопходни му се уште две помали пазарчиња, од кои едниот ќе биде во Ваташа’’ – порача Китев.
Вики Клинчарова