Скопската општина Аеродром и компанијата „ Спортски тениски центар Скопје-Тенис парк” денеска преку јавно приватно партнерство потпишаа договор за изградба на тениски центар покрај кејот на реката Вардар.
Градоначалникот на општината Ивица Коневски информира дека ќе бидат изградени четири тенески терени на тврда и исто толку на земјена подлога. Инвестицијата ќе чини над 2 милиони евра.
-Нашата посветеност во развојот на спортот има за цел да создадеме услови младите да спортуваат и да станат здрави носители на нашата иднина, со оглед на фактот што тенисот во Општина Аеродром има долга традиција- изјави градоначалникот Коневски.
Тој објасни дека овој проект треба да се реализира во наредните три години, а ќе започне во почетокот на 2017 година. Проектот ќе биде изграден во близина на СЦ Јане Сандански.