Владата треба веднаш да го поништи тендерот за надзор при изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10Д, а Јавното обвинителство да отвори постапка, кај три од четирите компании од корзорциумот има големи неправилности и криминал, бараат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие велат дека покрај компанијата Ептиса, која има кинески капитал и за која се менувала тендерската постапка се со цел да може да учествува и да го добие тендерот, и покрај Евро консалтинг каде што сопственик е Бранимир Димитријевиќ лице барано со меѓународна потерница од Ерменија за сторен криминал во вредност од над 1.8 милион долари, и кај третата компанија Електра Солушан има неправилности при тендерската постапка и руски капитал.
-Првиот тендер за надзор на автопатиштата беше поништен бидејќи, во Конзорциумот ИГХ имаше руски капитал, конзорциум во кој дел беше и компанијата Институт за патишта Велес. Компанијата Електра солушн е ќерка фирма на компанијата Институт за патишта Велес, каде што сопственик на Институт за патишта Велес е Сотир Ампов, а кај компанијата Електра солушн сопственик е неговиот син Андон Ампов.
Откако е раскинат првиот договор со ИГХ, се распишува нов оглас, во период на распишување на новиот оглас, сега помалиот Ампов, преку Електра Солушн поднесува за лиценца за надзор на објекти од прва категорија, која и ја добива среде јавен повик за поднесување на понуди. По добивањето на лиценцата на Електра Солушн, се менуваат условите на тендерот, се продолжува рокот за доставување на понуди, и се овозможува фирми загубари како ЕПТИСА и Електра Солушн да бидат дел од работата.
За да ја добие лиценцата за надзор компанијата на Ампов потребно е да има одреден број на вработени со соодветна стручна спрема и за таа цел дел од вработените во Институт за патишта Велес, кој се поврзува со руската врска од првиот тендер се пријавуваат и во Електра Солушн на работно време од 10 часа неделно, објаснуваат од опозициската партија.
Додаваат дека се со цел да ја добие лиценцата за да учествува во тендерот синот ги пријавува овие лица од фирмата на неговиот татко и со тоа се отвора огромен сомнеж за странски капитал и во оваа компанија.