Тендер за битумен тежок 9 милиони евра: Повеќе заинтересирани, еден понудувач

ЈП за магистрални и регионални патишта склучилo нова рамковна спогодба за набавка на битумен, во вредност од 554,6 милиони денари. Според документацијата со која располага Фокус, тендерската документација претрпела неколку промени по барања и жалба на две компании, кои потоа не доставиле ниту првична понуда. На крајот, тендерот бил спроведен со еден понудувач, кој веќе почнал да врши испораки...

by Фокус

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта склучило рамковна спогодба со компанијата „Топ Билд“ за набавка на битумен во вредност од 554,6 милиони денари или над 9 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Според информации на Фокус, веќе почнала да се исцрпува оваа спогодба, во чии рамки се склучиле одделни договори од околу 120 милиони денари.

Документацијата што ја обезбедивме открива дека интерес за оваа набавка пројавиле неколку компании, кои влијаеле да се измени тендерската документација и да се омекнат критериумите за учество. Но, тие потоа воопшто не доставиле понуди. Така, постапката се спровела без конкуренција, а спогодбата била склучена со единствениот понудувач.

Имено, спогодбата е склучена со градежната компанија „Топ Билд“, која, според податоците од Централниот регистар, е формирана во 2009 година, додека моментално нејзин сопственик и воедно управител е Радоман Дамјановиќ. Притоа, треба да се истакне дека оваа компанија не настапила самостојно, туку тендерот го добила како носител на групација со босанската „Хифа Оил“.

Првично, тендерската документација била променета по иницијатива на самото јавно претпријатие, од каде информираат дека направената измена предвидувала условот за поседување на соодветен сертификат – стандард да остане, меѓутоа да се премести во друга група на услови. Оттука, се работи за техничка измена, додека суштинските измени се направени по иницијатива на заинтересирани компании.

Една од нив е компанијата „Транслеад“, која имала три барања до договорниот орган. Прво, компанијата побарала банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите од 5 отсто да се однесува на секој поединечен договор што би се склучувал во рамки на рамковната спогодба, а не на висината на спогодбата. Овој услов е прифатен.

ИЗМЕНИ НА ТЕНДЕРСКАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Потоа, фирмата побарала уште една измена, која се однесува на делот од тендерската документација, каде се бара и минимална количина за секоја поединечна нарачка. Поточно, друштвото барало да се наведе или дополнително да се определени максималната количина за секоја нарачка или на месечно ниво, за да може понудувачите да ја предвидат максималната финансиска оптовареност.

За разлика од првото барање, Комисијата за јавни набавки го одбила второто барање, со образложение дека рамковната спогодба се склучува со дефинирана финансиска вредност на набавката, а не со количинска вредност. А, колкава ќе биде целосната количинска вредност на спогодбата, одговара Комисијата, зависи од берзанските цени и промена на курсот на валутите.

Патем, овој правен субјект доставил и трето барање, но добила одговор дека таквите корекции се извршени по насока на Комисијата за жалби по јавни набавки. Уште во текот на постапката, компанијата „Кооп Инженеринг“ поднела жалба до второстепената комисија, во која, меѓу другото, стои дека содржината на тендерската документација фаворизирала одреден економски оператор.

Конкретно, во жалбата се наведува дека противзаконски биле изготвени критериумите што налагаат дека компаниите, за да се квалификуваат за учество, морало да имаат реализирано испорака на битумен во последните 3 години по најмалку 15.000 тони годишно. Според жалителот, Законот за јавни набавки предвидува да се бара листа со главни испораки, а не количини.

Понатаму, компанијата сметала дека противзаконски е и условот кој предвидува понудувачот да има 3 тековни договори за набавка со реномирани производители – рафинерии на битумен. И трето, друштвото навело дека условот за поседување на 15 автоцистерни за црни горива, со топлинска изолација, е превисоко поставен и на тој начин се ограничува конкуренцијата.

ИНИЦИРАЛЕ ПРОМЕНИ, НО НЕ ДАЛЕ ПОНУДИ

Но, ЈП за магистрални и регионални патишта ги отфрлило ваквите наводи, оценувајќи дека жалбата е неоснована. Сепак, со тоа не се сложила Жалбената комисија, која ја усвоила жалбата, констатирајќи дека договорниот орган сторил битни повреди на Законот за јавни набавки при изготвување на тендерската документација.

Согласно ова решение, договорниот орган извршил дополнителни измени на тендерската документација, со кои практично се растеретиле условите за учество во постапката. Иако тоа било направено по барања и иницијативи на компаниите „Транслеад“ и „Кооп Инженеринг“, сепак, извештајот од спроведената постапка покажува дека тие не поднеле ниту првична понуда.

Единствено, на тендерот учествувало друштвото „Топ Билд“ во конзорциум со „Хифа Оил“, кои на крајот ја добиле вредната зделка. Како што велат од градежната компанија „Топ Билд“, од оваа година започнале со набавка и испораки и во јавниот сектор, така што имаат план да учествуваат и на други повици за набавка на битумен.

Наша приоритетна дејност е изградба на патишта и автопатишта, а главниот фокус е насочен кон ниската градба со посебен акцент на асвалтерските работи. Битуменот е примарна состојка при производството на асвалтните мешавини, и од таа причина набавката и испораката на битумен за сопствени потреби, како и за потребите на други компании, повеќе години е составен дел од секојдневните активности во работењето“, посочуваат од компанијата.

Во однос на прашањето во колкава мера самостојно, без поддршка од „Хифа Оил“, ги исполнуваат предвидените услови и критериуми од неколкупати коригираната тендерска документација, и како дошло до соработката меѓу двете компании, од „Топ Билд“ велат дека нивните контакти датираат од поодамна и дека станува збор за повеќегодишна соработка.

РАНО Е ДА СЕ ПРОЕКТИРА ДОБИВКА

Заедно со нашиот партнер од Босна и Херцеговина ги исполнивме бараните критериуми и доставивме групна понуда. „Хифа Оил“, која и самата во своите почетоци припаѓала во групата на мали и средни претпријатија, денес е една од водечките компании во регионот во секторот нафта и нафтени деривати. Оваа компанија годишно дистрибуира преку 300.000 тони нафта и нафтени деривати и е лидер во испораките и дистрибуцијата на битумени“, објаснуваат од таму.

Ако се земе во предвид глобалната неизвесност на светскиот пазар за нафта и нафтени деривати, додаваат од компанијата, учеството во групната понуда со „Хифа Оил“ е дополнителна сигурност дека и во евентуално потешки пазарни околности барањата на инвеститорот, кој во случајов извршува дејност од јавен интерес, ќе бидат навремено исполнети.

Што се однесува до добивката, во овој момент е неблагодарно да се прави било каква проекција пред сѐ поради самата неизвесност на пазарот на нафта и нафтени деривати, како и на промените на финансиските пазари, кои дополнително влијаат врз трошоците на чинење во исполнувањето на обврските од овој договор. Најголемиот предизвик за нас во ова време и во овие околности е да не произведеме загуба“, ни одговорија од „Топ Билд“.

Според неофицијални информации, во рамки на оваа спогодба веќе се склучени договори во износ од околу 120 милиони денари, што значи дека исцрпена е околу една третина од предвидените средства за период од 2 години. Досега, јавното претпријатие набавуваше битумен врз основа на спогодба склучена со „Илинден“ во 2020 година на сума од 534 милиони денари, која, велат од таму, е исцрпена во целост.

Од ЈП за магистрални и регионални патишта објаснуваат дека последната спогодба е склучена по спроведена управна контрола и според поинаква формула, која предвидува формирање на вкупната цена на тој начин што берзанската цена на битуменот се собира со останатите трошоци – транспорт, царини, маржа…

Влатко Стојановски

Поврзани новости