Тендер тежок 25 милиони евра: Фирми блиски до Заеви долетаа во РЕК Битола со „Марковски Компани“!

ЕСМ склучи уште еден милионски договор со „Марковски Компани“ за работа во РЕК Битола. Станува збор за спогодба за ископ на јаловина во износ од 25 милиони евра со битолската компанија на почесниот белоруски конзул во земјава, која лани, според официјалните податоци, бележи раст на приходите од 173 отсто, а на добивката од цели 1.500 отсто. Оваа компанија ќе им отстапи по 10 отсто од последниот договор или вкупно 7,5 милиони евра на 3 подизведувачи, при што 2 се струмичките фирми „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“, за кои своевремено пишуваше „Фокус“ дека се дел од бизнис-империјата на семејството Заеви и нивните партнери.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во изминативе години, јавноста навикна да слуша вести дека паднал еден од трите блока на РЕК Битола, што и не е некое изненадување, ако се земе во предвид фактот дека најголемото производство на струја се базира на систем од време на Југославија, кој низ годините се ревитализираше и модернизираше.

Арно ама, исклучителна реткост е пад на блок на биде предизвикан од птица, како што впрочем сега се случи, откако птицата што прелетала над трафостаницата на МЕПСО во близина на РЕК Битола предизвика прекин во напојувањето со струја од половина час, а со тоа и испад на блоковите 1 и 3 во најголемиот производител на електрична енергија во земјава.

Дојде до испад во ТС Битола 2 инициран од птица која прелетала во делот на 110 kV собирница, при што дошло до прескок со еден од порталите на истата собирница. Испадот предизвика прекин во напојувањето со електрична енергија во траење од половина час, но со навремена реакција на вработените се беше вратено во првобитната состојба“, соопштија од МЕПСО.

Паралелно со тоа, од РЕК Битола соопштија дека веднаш по инцидентот се преземени сите мерки и активности за санација на оштетените делови во РЕК Битола, по што започнаа операции за враќање во функција на двата блока.

Поради сличен проблем во електропреносниот систем, во ноември 2021, беше тешко оштетен трансформаторот на блок 3 на РЕК Битола и постројката беше надвор од функција повеќе од една година. Овојпат нема сериозни штети врз опремата. Потребите на потрошувачите за електрична енергија во моментов се задоволуваат од домашните капацитети на АД ЕСМ“, соопштија од таму.

Но, освен што птицата предизвика пад на блоковите во РЕК Битола како резултат на прекинот на напојувањето, таа истовремено придонесе и да се сврти вниманието од најголемиот тендер што го спроведе АД ЕСМ за работа во РЕК Битола, тежок 25 милиони евра.

Имено, тендерот заврши кај битолската компанија во сопственост на почесникот конзул на Белорусија, Борче Марковски, кој вредниот договор ќе го спроведе со 3 подизведувачи, меѓу кои се две струмички компании што важат за блиски до поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.

ТЕК НА ПОСТАПКАТА

Инаку, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ пред неколку дена го склучи најголемиот договор за работа во рударско-енергетскиот комбинат во Битола. Станува збор за рамковна спогодба со друштвото „Марковски Компани“ за ископ на јаловина, чија вредност изнесува 1.534.000.000 денари или околу 25 милиони евра.

Притоа, според податоците од Бирото за јавни набавки, била спроведена отворена постапка, така што на крај била склучена спогодба со „Марковски Компани“, во чии рамки ќе се склучуваат договори согласно потребите на ЕСМ. Сепак, тие не смее да надминат 25 милиони евра, колку што е износот на спогодбата.

Патем, другиот економски оператор што учествувал во постапката била компанијата „Пелистер“, поврзана со битолскиот бизнисмен и поранешен градоначалник Силјан Мицевски, која во минатото често, условно кажано, водеше битки со „Марковски Компани“ за вредните договори за работа во РЕК Битола.

(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

Според тендерската докуменција изготвена од страна на договорниот орган, РЕК Битола бара од „Марковски Компани“ да ископа до 4 милиони кубни метри јаловина од наоѓалиштата на јаглен во битолско. Јаловината мора да се ископа, транспортира и одложи за да може да се ослободи јагленот.

Од официјалните податоци може да се заклучи дека „Марковски Компани“ ја добил зделката со понуда од 2.871 денари за метар кубен без ДДВ, но на тендерот имало и пониска понуда од 2.800 денари за кубик. Оттука, произлегува дека пониската понуда била на „Пелистер“, но таа не ја минала фазата не евалуација.

Така, ЕСМ склучил договор со „Марковски Компани“ со времетраење од 18 месеци, каде, меѓу другото, се открива дека компанијата ќе соработува со 3 подизведувачи: струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор-Транс“ и охридската „Топлина“. Всушност, ним ќе им припадне по 10 отсто (вкупно 30) од договорот, што значи вкупно 7,5 милиони евра или за секој по 2,5 милиони евра.

Според Централниот регистар, „Сим Инженеринг“ е компанија основана во 2005 година, која е во сопственост на Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, додека управител е Сашко Брндевски. И „Јавор-Транс“, основана во 2010 година, е во сопственост на синот и таткото Крстеви (Горан и Симеон), со тоа што таму како управител се јавува Драги Цикарски.

ШТО ОБЈАВИ „ФОКУС„?

Што се однесува до двете струмички фирми, тие ги опфативме со сторијата објавена во неделникот „Фокус“ уште на почетокот на 2019 година, кога пишувавме кои се компании ги поседува семејството на тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, како и нивните деловни партнери.

Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски своевремено објави случај со присвојување државно земјиште. Се работи за градежна парцела со површина од 18.462 квадратни метри, која Општина Струмица во 2014 година, кога Заев е градоначалник, на јавна аукција му ја продала за 700.000 евра на Сашко Брндевски, управител на „Сим Инженеринг“ – првиот подизведувач на „Марковски Компани“.

Па, како што обвинуваше Мицкоски, откако Брндевски во 2016 година добил одобрение за градење на станбен комплекс, тој веднаш склучил договор за пренесување на правото на градење или отстапување на парцелата со „Тотал Инженеринг“ во сопственост на Вице Заев, брат на Зоран Заев, како и со уште градежна компанија што се поврзува со Заеви – „АД Пелагонија Струмица“.

Она што дополнително ги поврзува Брндевски и Заев е уште една компанија за изградба на станбени и нестанбени згради основана во 2009 година – „Сара Инженеринг“, која во 2010 година купи две од трите градежни парцели за изградба на згради кај поранешната струмичка касарна во површина од 36.131 квадратен метар за вкупно 1,5 милиони евра.

Поточно, Брндевски денес е содружник во оваа градежна компанија, заедно со Ристо Кречев и Зоран Марковски, додека порано во нејзината сопственичка структура бил и Вице Заев. Воедно, Заев се јавува како содржуник заедно со Кречев во уште неколку компании. Една од нив е „Сара Јавор Инженеринг“, каде содружник е и Драги Цикарски, управител на „Јавор-Транс“ – вториот подизведувач на „Марковски Компани“.

Своевремено, Цикарски бил управител на компанијата „Де Лукс Инженеринг“, еден од содружниците на проектот за изградба на Глобал.  Како што е познато, за оваа градба, тогашниот градоначалник на Струмица и подоцна премиер Зоран Заев заврши во притвор во 2008 година, но подоцна беше аболиран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

ЕДЕН ОД МНОГУТЕ ТЕНДЕРИ

Последниот тендер на ЕСМ е еден од многуте што ги добива „Марковски Компани“ за работа во РЕК Битола. Веќе пишувавме дека компанијата на почетокот на годинава склучи договор за ангажирање на механизација вреден 6,5 милиони евра, кој, според последните проверки што ги направивме, на крај пораснал до 7,8 милиони евра.

Нов милионски тендер за „Марковски Компани“: ЕСМ купува машини, но ангажира и приватна механизација за РЕК Битола

Само неколку месеци подоцна, односно во мај годинава, ЕСМ спровел нова деллива набавка за ангажирање на помошна механизација во вкупна вредност од 7,3 милиони евра, со тоа најмногу дела или лота во вкупна вредност од 3,8 милиони евра добила „Марковски Компани“.

Во претходната 2022 година, пак, двете страни склучиле десетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од околу 25 милиони евра, од кои највреден е договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина склучен кон крајот на ланската година во вредност од 19,5 милиони евра.

Исто толку вреден тендер „Марковски Компани“ доби и во 2021 година. Како што пишуваше „Фокус“, станува збор за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот. Вредноста на овој договор, кој е склучен во постапка со преговори, без претходно објавување на оглас, изнесува 22 и пол милиони евра.

Среде криза, ЕСМ склучи непосредна спогодба тешка 19 милиони евра

КОЈА Е „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“?

Во однос на „Марковски Компани“, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковскикој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Ако компанијата во 2011 година остварила приходи од 2,7 милиони евра и имала 61 вработени, веќе во следната година остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104).

Ваквиот нагорен тренд продолжува и во следните неколку години. Така, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11,5 милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7,5 милиони евра.

Веќе ланската 2022 година, компанијата остварува приходи од 30 милиони евра, што е раст за 173 отсто во споредба со претходната 2021, додека лани добивката изнесувала 6,6 милиони евра, што пак претставува раст од цели 1.500 отсто во однос на 2011, кога добивката изнесувала помалку од половина милион евра.

За потсетување, непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, довчерашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ја обвинуваше оваа фирма дека е блиска до Сашо Мијалков. Но, „Марковски Компани“ продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта, и тоа со засилено темпо.

Поврзани новости