Темелковски од ФПСМ за „Фокус“: ПСК Бистра го молзе домот на Водно, а не го одржува!

by Fokus

Многу бура се крена деновиве, откако излезе информацијата дека клубот Х20 ќе раководи со ПД „Даре Џамбаз“ на планината Водно во Скопје. Планинарите реагираат дека, наводно, домот е насилно преземен, па побаравме став од ФПСМ околу целата оваа ситуација.

Живко Темелковски од претседателството на ФПСМ за „Фокус“ ја образложи причината зошто ПКС Бистра нема веќе да раководи со планинарскиот дом.

„Домот „Даре Џамбаз“ на Водно треба редовно да се одржува, да се чисти и да биде во добра состојба за сите посетители. Но, од клубот не го одржуваат домот воопшто. Плафонот е паднат, малтер изронет и е доведен до катастрофална состојба. Во домот продава човек, кој не може да биде и планинар. Не се издаваат фискални сметки, а ако им дојде инспекција, ќе бидат казнети за неправилно работење“, вели Темелковски.

Со домот на Водно ќе раководи клубот Х20, или поранешен Макпетрол, познат кај планинарските друштва во Македонија. Според Темелковски, Х20 имале документ и увериле дека ќе работат со објектот согласно законот во земјава.

„Комисијата даде предлог дека најповолна е понудата на Х20, а учествуваа и други планинарски клубови од земјава. Еден од условите е, домот да го задржи планинарскиот дух. Заедно со претседателот на федерацијата, Угриновски, ги повикавме од ПСК Бистра да разговараме, да го предадат домот. Тие тргнаа да се тепаат со нас. Ни порачаа дека не сакаат да го предадат домот. Претседателот на ПКС Бистра лажно пријави дека наводно насилно се влегло во домот. Со нас имаше и нотар, сите постапки и регуларности беа запазени, а полицијата од домот без проблем не пушти штом виде дека имаме докази за објектот да се предаде во рацете на Х20“, додаде Темелковски.

Како што додаде тој, клубот Х20 има договор од пет години да го води домот „Даре Џамбаз“, но само со услов ако во првите две години ги вложат планираните финансиски средства. Во спротивно, ќе го изгубат владеењето врз домот.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости