Николче Николовски (34) од Буково, Битола, е лицето кое беше пронајдено мртво покрај автомобил кај Тиквешко Езеро, и тој ќе биде погребан утре на гробиштата во село Буково, за ,,Фокус” потврдија негови блиски.
Откриваат дека причината за смртта се уште не ја знаат, бидејќи ги чекале резултатите од обдукцијата.
-Останаа многу неодговорени прашања во врска со целиот случај. Веруваме дека надлежните служби ќе ни ги дадат одговорите. Николче исчезна од својот дом на 13-ти мај, со својот автомобил Форд Фиеста, а автомобилот му беше пронајден пред околу десет дена, во близина на Тиквешко Езеро.
Од информациите кои ги имаме, неговото тело се наоѓало покрај автомобилот. Не знаеме како и од што починал, но изненадени сме како никој не го забележал автомобилот и телото толку долго време, локацијата е покрај земјен пат, зарем никој не поминал од таму со месеци? – прашува негов пријател од Буково, чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус”.
Додава дека местото каде беше пронајдено телото на момчето не е непристапно, и верува дека од таму минуваат локални жители.
Како што објавивме уште во мај, кога исчезна момчето, негови пријатели апелираа за информација која би помогнала во неговото пронаоѓање. Појаснуваа дека се работи за интелигентен млад човек, кој изминатиот период живеел повлечен живот.
Вики Клинчарова