„Телма“ пред казна од 20.000 евра оти пуштала помалку народна музика

Агенцијата за медиуми денеска донесе одлука за поведување прекршочна постапка за „нееднаков однос“ на пуштената забавна и народна музика во текот на седумдневен набљудуван период. Агенцијата за овој „прекршок“ на Телма ќе ѝ изрече казна во износ од 20.000 евра, што е трета по ред изречена парична казна во текот на еден месец, објави телевизијата на својот портал.

„Прецизно направениот мониторинг од страна на нашата телевизија на пуштената народна и забавна музика, која патем, мораме да ја пуштаме согласно законот донесен минатата година, покажува дека не само што е исполнета законската квота од по 4 часа неделно ваков вид на музика, туку таа е и надмината. Не е точна пресметката врз која се базира одлуката на Агенцијата за медиуми дека за народна музика сме издвоиле нешто повеќе од три часа, а за забавна музика повеќе од четири часа“, велат од “Телма’ и бараат бараат уште денеска да се свика итна средба во Агенцијата каде што ќе се изврши експертиза на измерената минутажа и податоци.

Законот предвидува телевизиите од општ формат во текот на неделата да емитуваат најмалку осум часа музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници од која половината треба да биде забавна, а другата половина народна музика.

Според извештајот на Агенцијата за „Телма“ телевизијата во перидоот од 5 до 11 мај годинава ја исполнила нормата од осум часа домашна музика, ама не го исполнила соодносот. Односно ѝ фалеле некаде околу 45 минути народна музика.

Директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски за „Фокус“ вели дека ќе ѝ одговори на барањето на „Телма“ за експертиза која би се случила наредниве денови, додека во кусиот телефонски разговор потенцираше оти агенцијата не била тенденциозна кон „Телма“ и дека има сличен изјвештај и за ТВ „Сител“. „Сител“ пак, според извештајот, потфрлиле кај забавната музика.

Поврзани новости