Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија упати телеграма со сочувство до Унијата на Стопанските комори на Грција по повод ненадејната смрт на претседателот на Унијата на Стопанските комори на Грција и на Атинската комора за трговија и индустрии, Костантинос Микалос.
Двајцата претседатели на коморите, Бранко Азески и Константин Микалос имаа долгогодишна одлична соработка на полето на бизнис заедницата. На 17 јуни 2021 година, од страна на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и претседателот на Унијата на грчки комори и на Атинската комора за трговија и индустрии, Константинос Михалос, беше потпишан Меморандум за соработка, со што се верификуваше досегашната долгогодишна соработка што ја имаат двете најголеми бизнис асоцијации од двете земји и беше најава за креирање Агенда за отворање нови перспективи во насока на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите, како и подобрување на условите за работа на бизнис заедниците од двете земји.
На свечениот чин, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Азески, посочи дека е чест да се соработува со г-динот Микалос кој е претседател на најголемата деловна заедница од Грција, што ќе поттикне уште повеќе да се отвораат можности за македонските бизнисмени да бидат активни во Грција, но и зедничка соработка на бизнис асоцијациите и компаниите од двете земји на проекти и настани.