Телефонот на Мијалков бил во неговиот дом, додека тој патувал во непознат правец

by Фокус

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков не бил во неговиот дом на Водно кога полицијата вчера попладне пристигнала за да му врачи решение за куќен притвор, но во домот бил неговиот телефонски апарат, чиј сигнал бил следен, дознава Фокус од добро упатени извори вклучени во истрагата.

Според сознанијата до кои дојдовме, во текот на вчерашниот ден Јавното обвинителство доставило писмено известување до Министерството за внатрешни работи дека Мијалков планира бегство поради високата затворска казна што ја очекувал во предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, по што биле преземени техничко-оперативни мерки.

Нашите извори велат дека тој бил физички следен на јавен простор, како што било законски допуштено, но воедно бил следен и сигналот на неговиот телефонски апарат, кој со патничко возило од хотелот Мериот стигнал до домот на Мијалков на Водно.

Врз основа на телефонскиот сигнал, велат нашите соговорници, се верувало дека Мијалков е дома, меѓутоа на крајот се испоставило дека возилото со кое патувал телефонот не било управувано од Мијалков, туку од од друго лице или лица, чиј идентитетот првично не можел да се утврди поради затемнети прозори.

Фокус вчера ја објави информацијата дека судот, по барање на обвинителството, одлучило да ги замени мерките на претпазливост со куќен притвор за Мијалков, по што тој стана недостапен за државните органи.

Непосредно пред да исчезне, Мијалков бил во друштво на поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, со кој пиел кафе со кафулето „Дистрикт“ во рамки на „Мериот“, меѓутоа Коневски кусо ни изјави дека нема никакви информации поврзани со Мијалков.

В.С.

Поврзани новости