Коневски и Шврговски немаат информации за Мијалков

by Фокус

Немам  – ова е кусиот одговор што Фокус го доби од поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, во однос на прашањето дали има информации поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е недостапен за да го прими решението со кое мерките за претпазливост му се заменуваат со домашен притвор до изрекување на првостепената пресуда во предметот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

Како што објави 360 Степени, новинари од медиумиот вчера попладне ги забележале Мијалков и Коневски како пијат кафе во кафулето „Дистрикт“, во рамки на хотелот „Мериот“, кој е во косопственост на компанијата на синот на Мијалков-Јордан Мијалков. Притоа, Коневски и Мијалков разговарале половина час, при што прво заминал Коневски, а потоа и Мијалков.

Ниту поранешниот републички јавен обвинител, Љупчо Шврговски, кој е еден од правните застапници на Мијалков, нема информации каде се наоѓа и што се случува со неговиот клиент и воедно пријател. Тој синоќа ни изјави дека не знаел ниту дека има полиција пред домот на Мијалков на Водно, која потоа го бараше и во Мериот и на други локации.

Инаку, Фокус вчера ја објави информацијата дека пред домот на Мијалков има засилено полициско присуство, откако судот, по барање на обвинителството, одлучи да му изрече мерка куќен притвор на Мијалков. Меѓутоа, тој не беше ниту дома, ниту беше пронајден во Мериот, каде последен пат е забележан.

За повеќе информации, се обидовме да стапиме во контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и првиот човек на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, но тие не одговорија на нашите пораки.

Денеска, Кривичниот суд соопшти дека барањето од Обвинителството било поднесено вчера во 15 часот, по што набрзо му бил одреден куќен притвор на Мијалков, додека во 18:30 часот решението веќе било доставено до МВР како надлежен орган за понатамошно постапување.

Според неофицијални информации, Мијалков се упатил кон една соседна држава, но досега нема никаква официјална потврда или известување во однос на неговата моментална локација.

Поврзани новости