Со иронични пораки „За нови џипови“, „За работа на секој празник“, „За повеќе непријавени работници“, неколку стотици текстилни работници од Штип, Пробиштип и Кочани протестираа зградата на поранешната МК „Астибо “ во Штип, барајќи Владата и државните институции да ги штитат работниците, наместо сопствениците на фабриките.
-Енергично сме против зголемувањето на работното време. Државата да ги спречи неплатената прекувремена работа и работата за викендите и празниците, да има законски годишен одмор и исплата на полн К-15, а не како досега, да се исплатува регрес за годишен одмор од по 100 денари – истакна еден од текстилните работници што протестираа.
Тие добија поддршка од претставниците на Здруженито Гласен текстилец и од Хелсиншки комитет, кои беа поканети на протестот што го организирале работниците од трите града за прв пат во историјата.
-Веќе неколку години постојано добиваме поплаки од работници во текстилната, кожарската и чевларската индустрија и нивните пријави ги проследуваме до институциите во системот, кој повеќе треба да се заложи за работнциите и да ги штити нивната права – вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.
Инаку, овој протест доаѓа откако газдите на текстилните фабрики побараа продолжување на работното време, укинување на празници и замрзнување на придонесите, за да нема дисконтинуитет во производството.