Теа Трајковска: Го чекам денот кога децата наместо за политичарите, ќе зборуваат за уметноста!

by fokus

Минатата седмица во ресторан во Скопје, младата поп пејачка Теа Трајковска го промовираше својот прв албум ,,Која сум јас” и видео-записот за песната ,,Кога најдобро те познавам”.

Во време кога јавноста е преокупирана со актуелните политички случувања, деби албумот на атрактивната пејачка дојде како вистинско освежување. Автори на нумерите се Лазар Цветковски и неговата сестра Магдалена, а Теа и самата е текстописец на неколку песни.

Видео-записот пак, е дело на Бане Поповиќ и ,,Томато продукција”. Теа и е позната на јавноста од најрани години, како учесник на детскиот фестивал ,,Златно славејче”, а подоцна и на ,,Охрид фест”, Скопски фестивал”, ,,Макфест”, ,,Езерски бисери”, но и по хитот од 2014 година, ,,Ми треба малку време”. По пауза од две години, таа повторно се врати на сцената.

Околу тоа со што се соочуваат нашите млади пејачи на патот кон успехот на сцената, и дали верува дека музичарите ќе успеат да ги засенат на некој начин политичарите, кои се главни ,,ѕвезди” во земјава, вели дека се надева на подбри времиња, кога народот ќе започне да ја препознава квалитетната музика, но и музичарите да ја создаваат во поголема мера.

-Нашата музичка сцена не е во мирување туку за жал интересот на публиката е во главно насочен кон политика, сеир и омраза. Можеби најголем проблем е тоа што не постои критериум и квалитетна критика, па поради тоа позитивната афирмација само преку уметност е невозможна мисија – раскажува Трајковска.

Таа е една од ретките поп пејачки која што дипломирала на музичката академија во првата генерација на отсекот соло пеење – популарни жанрови под водство на професорката Андријана Јаневска во 2016 година. Исто така, истата година учествуваше на интернационалниот музички фестивал ,,Езерски Бисери” и на финалната вечер го освои лауреатот од прв степен. Зад себе има два радиски хита, насловени ,,Пекол” и ,,Бла, Бла, Бла” со аранжман на Лазар Цветковски и нејзини текстови.

Додава дека верува како нештата ќе се сменат и кај нас, и практиката мали деца да ги знаат имињата на сите политичари ќе биде минато. Наместо за политичарите, децата да започнат разговараат за новите песни на македонските артисти – вели таа.

-На нас останува само да создаваме нова музика и да се надеваме дека тоа ќе биде препознаено. Да се надеваме дека ќе дојдат едни подобри времиња во кои малите деца нема да ги знаат имињата на сите политичари, туку како децата во светот на училиште ќе разговараат за новата песна на некој локален артист- изјави Теа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости