Есма го доби споменикот, но каде исчезна урната на Стево?!

by fokus

Додека роднините на Есма деновиве негодуваат поради изгледот на споменикот кој и го подигна Владата, останува отворено прашањето – Каде е урната на Стево, која се чуваше во неговиот дом на Кале од 1997 година?

Внуците и внуки од браќа на кралицата на Ромска песна, Есма Реџепова –Теодосиевска не се задоволни од изгледот на надгробниот споменик, кој минатата седмица на уметницата и го подигна Владата на РМ. Тие реагираат дека никој не ги консултирал за ништо, и како споменикот е премногу едноставен и изграден од евтин мермер.

Аднан Реџеп, внук од брат на Есма, кој живее во Германија тврди дека лидерот на Ромите, Амди Бајрам, без да се консултира со семејството го поднел барањето во Владата за да се изгради споменикот, и покрај тоа што Реџепови веќе ангажирале компанија за негова изградба, а оставиле и капар.

-Ние, внуците од сестри и браќа на Есма се ангажиравме таа да биде погребана според муслиманските обичаи. Фирмата ,,Цветковиќ” беше задолжена за изградба на надгробниот споменик, дадовме и капар, за што имаме договор како доказ. Наидовме на проблеми од страна на АД Бутел, и сега гробот се изработи по туѓ налог и желба. Ние како семејство сме тргнати на страна – информира Аднан. Внуки на пејачката пак, на социјалните мрежи обвинуваат дека гробот е изработен од евтин мермер, додека Аднан планирал да го прави со скапи материјали.

-Аднан беше најсаканиот внук на Есма, па затоа аманет му беше да го направи споменикот. Договорено беше да се прави од многу скап мермер, а не овој што го направи Амди, многу евтин – обвинува внуката на Есма, Санија Реџепов. Минатата година за ,,Фокус” Аднан раскажа дека гробното место треба да се изработи на три нивоа, односно на три ката, во гранит со црна и розева боја.

Семејството имало замисла да се изведе и мала бина, каде ќе бидат поставени бисти на Есма и Стево Теодосиевски. Инаку, естрадниот уметник и музички педагог, Стево беше кремиран по смртта, во 1997 година, а неговата урна се наоѓаше во неговиот дом, во куќата на Кале. Денес, нема информација каде се наоѓа неговата урна, за која лани Аднан изјави дека ќе ја однесе во Бутел.

– Се прави помала биста, за да може да има место и за тетин ми Стево. И неговата урна ќе ја однесеме во Бутел. Тие двајцата треба да си бидат заедно – раскажа тогаш Реџеп. Денес не успеавме да стапиме во контакт со него, со цел да дознаеме дали тој знае каде се чува урната.

Околу тоа каде се наоѓа урната на Теодосиевски, со оглед на тоа што куќата на Кале е испразнета, за сега нема податоци. Симеон Атанасов, штитеник и менаџер на Есма, вели дека децата кои таа и Стево ги одгледале подготвуваат заедничко соопштение за јавноста, во кое ќе бараат одговори зошто не е испочитувана нивната заедничка желба, и двајцата да бидат кремирани и нивните урни да бидат поставени една до друга.

-Сите ние, децата за кои Есма и Стево се грижеа цел живот ќе излеземе со заедничко соопштение. Сакаме да потврдиме пред јавноста дека желба им беше да бидат кремирани и урните да им бидат една до друга. Не знам каде е урната на Стево сега, во куќата не е, таму нема ништо останато. Веднаш по погребот на Есма, на внуците од брат на Стево им реков да разговараат со градоначалникот на Кочани, да иницираат изградба на спомен соба, во која ќе биде однесена неговата урна и разни награди, признанија, инструменти и слично. Кога веќе на Есма не и се испочитува желбата и таа не беше кремирана, сакав барем урната на Стево да се наоѓа на безбедно место… Тие ми ветија дека ќе се слушнеме, но до денес нема никаков глас од нив на темава. Не знам, но можеби веќе е фрлена? Жално е ова што се случува, дури и да биде куќата на Кале претворена во музеј, што ќе се изложи во него? Ништо не остана, а имаше работи со непроценлива вредност – тврди Атанасов.

Утре се навршуваат две години од смртта на Есма. Таа и Стево освен како големи уметници, беа познати и како амбасадори на хуманоста. Зад себе Есма остави два тестаменти, со кои куќата и ја остава на државата, додека авторските права на Симеон. Внуците ги оспорија тестаментите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости