Скопскиот аеродром ги следи сите безбедносни процедури кои што се бараат според меѓународните и локалните регулативи, велат од компанијата ТАВ, која управува со скопскиот аеродром Александар Велики, откако високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, се качил на авион со пиштол, кој ниту бил пријавен од негова страна, ниту бил откриен при аеродромските контроли.
„Ова е изолиран случај во којшто станува збор за индивидуална, човечка, грешка во примената на безбедносните процедури кои што секогаш се следат на скопскиот аеродром. Сите потребни чекори ќе бидат превземени со цел да не се случуваат слични инциденти во иднина. Внатрешна истрага веќе е во тек и секој што има одговорност за овој настан ќе ги сноси последиците според правилата на компанијата“, велат од компанијата.
И поранешниот директор на скопскиот аеродром, Вања Битољану, во изјава за Фокус вели дека одговорноста за багажот на патниците е кај аеродормските служби и аеродромското обезбедување, кое, според него, треба да ги изврши сите проверки.