Таткото на четирите деца кои утринава загинаа во пожарот во Нови Пазар жив горел додека се обидувал да ги спаси своите деца, велат очевидци на овој страшен настан. Несреќниот маж преку терасата се обидел да влезе во собата во која биле неговите деца, но не успеал да ја отвори вратата.
Лекарите од болницата во Нови Пазар соопштија дека телата на трите деца практично биле јагленосани при приемот, додека четвртото дете давало знаци на живот, но изгорениците биле толку страшни што ни реанимацијата не можела да го спаси.
Соседите на ова семејство велат дека не паметат ваква голема трагедија во нивниот крај.
– Слушнавме дека три деца се целосно јагленосани, додека четвртото починало во болницата. Се згрозивме, каква трагедија не снајде. Случајно поминал сосед покрај зградата и го видел таткото на детето како гори на терасата – вели соседот и додава:
– Човекот жив гореше, огнот му беше на телото! Тој повикал помош и се обидел да ја отвори вратата од терасата за да дојде до своите деца и да ги спаси, но за жал не успеал, а бидејќи и самиот бил во пламен скокнал од терасата.
Некои од случајните минувачи втрчале во зградата и се обиделе да им помогнат на несреќните луѓе, а целата сцена имала застрашувачки ефект.
Tаткото на семејството, според непотврдени информации, египетски државјанин, е префрлен во болница во многу тешка состојба и лекарите се борат за неговиот живот. Повредена е и мајката А.А., но има изгореници кои не се опасни по живот и е во стабилна состојба.