Таткото на екс министерот Попоски во МНАВ трошеше половина милион евра во кафани, традицијата ја продолжи зетот на Рената Дескоска

by Fokus

Како и во сите државни и јавни претпријатија за кои излегоа документи дека министри, директори, раководители се луксузирале, јаделе и пиеле по кафеани, оделе на службени патувања на сметка на фирмите, така и Македонската навигација не била поштедена од таквиот луксуз.

Според документите со кои располагаме, за седум години, односно за време на „владеењето“ на ВМРО-ДПМНЕ биле потрошени половина милион евра во кафеани, од кои во 2016 година старото раководство на чело со Поповски само за репрезентација потрошило 68.820 евра, додека, пак, од јануари до 31 септември годинава, Управниот одбор на сметка на компанијата потрошил 44.617 евра.

Истото темпо на трошење државни пари продолжува и од јуни, кога на директорското столче седнува Николче Тасески, кој истовремено ја извршува и функцијата претседател на Управниот одбор. Од старата постава во Управниот одбор останува Миѓен Салмани, кој е и извршен директор на Одделот за финансии, а како член исто така е назначен и Климент Чепуњоски. Тие, според документите, ја продолжуваат традицијата на трошење пари од сметката на М-НАВ.

„Фокус“ располага со извештаите на кои се гледа колку пари биле трошени за ручеци и вечери. Сумите се движеле од минимум 3.000 денари, па се до 60.000 денари само за едно седнување во ресторан или кафеана. Само во кафеаната „Меана Б“, Салмани потрошил 23.340 денари, додека, пак, во рибниот ресторан „Сидро“ потрошиле 11.100 денари, а уште 15.590 денари од сметката на Македонска навигација биле потрошени во „Вавилон“.

Веќе неколку години наназад, Македонска навигација ја тресеа низа скандали, од намалување на платите до 50 отсто, па сѐ до штрајкови и бркање од работа на сите што не размислуваат на ист начин како тогашното раководство. Повеќето од нив, како што велат, биле честа мета на самоволието на Попоски, кој, според нив, имал одврзани раце и поддршка од екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да управува со Македонска навигација на „свој начин“.

„Фокус“ го контактираше Петар Ѓуровски од Одделението за односи за јавност во Македонска навигација, но тој веќе два дена не одговара на поставените прашања.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости