Таткото на Дивна Пешиќ осуден на осум години затвор, таа порача: Ќе откриеме се што се случуваше во позадина на овој случај!

by fokus

Кавадарчанецот Благој Пешиќ, тренер по стрелаштво и татко на нашата олимпијка и ликовен уметник, Дивна Пешиќ Грозданов е осуден на осум години затвор.

Пресудата му беше изречена пред два дена во Основен суд Велес, а е прогласен за виновен за полов напад врз дете кое што не наполнило четиринаесет години. Настанот се најде во центарот на вниманието кон крајот на месец март 2017 година. Родители на 13 – годишна ученичка по стрелање пријавиле дека во повеќе наврати го обљубил девојчето, по што му беше одреден притвор.

Неговото семејство, ќерките и сопругата застанаа зад него и неколку пати излегоа во јавност со тврдењето дека е невин.

-Со кои докази ме обвинувате за вакво дело и зошто веќе три години се уште ги крие обвинителката изјавата и записниците од полициската станица? Како се осмеливте цела вина вие да ја превземете за овој срам? Случајот не е завршен ќе се жалам на повисокиот суд, кој сум сигурен дека ќе утврди дека –Ме фати за рамото – не е полов напад – му се обрати Пешиќ на судијата Шефшет Адеми, по прогласувањето на пресудата. ,,Фокус” стапи во контакт со Дивна Пешиќ, која што во тек на целиот процес му беше поддршка на својот татко. -Со оглед на тоа што во судот во Велес прифатија дека фаќање за рамо е дело и полов напад, пресудата ни беше очекувана. Начинот на кој што од самиот почеток се водеше целата постапка, незаконски, без физички и материјални докази не наведе да ја очекуваме оваа пресуда. За сето незаконско работење судијата и обвинителката ќе сносат последици, бидејќи ќе одиме на повисоко ниво и таму ќе ја бараме правдата. Информиран е Интерпол, ЕУ советот за корупција, УСА за човекови права и многу интернационални институции. Доказите се на наша страна, остануваме при ставот дека татко ми е неправедно осуден, а по добивањето на пресудата на писмено, ќе излеземе во јавност и ќе ја запознаеме цела Македонија за сето она што се случуваше во позадина на овој случај. Веруваме дека многумина ќе останат затекнати од она што ќе го презентираме – ни изјави Дивна во телефонски разговор.”

Вики Клинчарова

Поврзани новости