Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски-Боки 13, денеска седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд, поради физички напад на попот Виктор Стојчев.
Откако обвинителката го прочита обвинителниот акт, Јовановски пред судот се изјасни за вина.
-Има многу големо сомневања кај мене дали сум виновен или не, но сепак го признавам делото, рече Јовановски, кој се воздржа да каже се што сакаше пред судот, и неволно додаде „добро го признавам делото во целост“.
Оштетениот Стојчев пак рече дека пријавува оштетно побарување.
Според обвинението, Јовановски на 7 јануари 2017 година физички го нападнал Стојчев по расправија за паркинг место, по што му нанел физички повреди, од кои и скршеница на зглобот на ногата.
Обвинителката во завршните зборови побара Јовановски да биде казнет според законот.
Адвокатката на Јовановски пак истакна дека попот Стојчев имал допринос кон немилиот настан, бидејќи упатил навредливи зборови кон синот на Јовановски, што не доликувало на професијата која ја има.
Таа потенцираше дека нејзиниот клиент е невработен, со лоша здравствена состојба, а бил и видно потресен бидејќи прв пат доаѓал во судир со законот.
-Од тие причини го молиме судот да ги цени сите наведени околности како олеснителни и да му изрече некоја поблага санкција, рече адвокатката на Јовановски.
Пресудата е закажана за 18 ноември 2019 година.
В.В.